Умира велешко езеро „Младост“, тоа го тврди ДИЗЖ по последните резултати од анализи на водата која појави бела пифтија и пена на крајбрежјето
Белата пифтиеста и пенеста материја којашто беше распослана на крајбрежјето на водите на велешко „Езеро Младост“ е резултат на силно загадена вода преку фаза на распаѓање на органската материја која што ја имаше како во летниот период и сеуште ја има во услови на драстично намалено количество на кислород. Колиформните бактерии и ешерихија коли поточно од фекалии, заедно со распаднатите алги и трски се во бројна состојба еднаква на квалитет на вода од IV класа. Ова го пишува во извештајот на Државниот инспекторат за заштита на животна средина по инспекцискиот надзор што државната инспекторка Билјана Шуркова Манаскова го изврши, во два наврати, на 16 и 18 ноември, по пријава од член на Совет на општина Велес.
Поконкетно, овој извештај говори за тоа што граѓаните го гледаа на површината на езерската вода на крајот од летото и за што како ДИЗШ така и Хидробиолошки завод Охрид веќе констатираа дека во „Младост“ водата е многу загадена. Поконкретно, во овој извештај, констатирана е фаза на распаѓање на органската материја којашто пловеше на површината на водата а сега е падната на дното, како процес којшто се случува во доцна есен и во зима. Недостатокот на потребното количество на кислород во водата е причина за редукциски процеси во кои се ослободува гас којшто ја формира пената додека дува ветер и се создаваат бранови на површината на езерската вода.
Како што дознава Дума.мк овие хемиско физички и микробиолошки резултати се на Лабораторија на ЈП „Лисиче“ од анализи на примероци на вода земени од страна на лаборантите на ова државно јавно претпријатие.
Според извештајот, зголемено е количеството на нитрити и тие го сменија квалитетот на водата од II во IV класа. Според заклучоците на Хидробиолошки завод Охрид, од изминатото лето, оваа состојба ќе ја има се додека целосно не се распадне органската материја. Конкретно, според светската литература, овие процеси кои до сега ги немаше во водата на „Младост“ говорат дека езерото умира.
Убавка Јаневска