Д-р Давчева: Кога среќата станува закана – зошто некои луѓе се плашат да им биде добро?“

Објавено: 11 јули, 2026, во 13:30 часот

На поставеното прашање: Зошто се плашите кога ви е добро и зошто на среќата гледате како на закана?“, многу често добивам одговори како што се: „Не знам зошто, ама кога конечно сè ќе се среди, почнувам да чувствувам немир“, „Секогаш кога ќе ми тргне во животот, очекувам да се случи нешто лошо“ или „Не умеам да се опуштам, како да не ми е дозволено да бидам среќен!“, вели д-р Мимоза Давчева, психотерапевт и психолог како вовед во темата.

На прв поглед, овие реченици звучат нелогично затоа што природно е секој човек да очекува и да сака мир, љубов, успех и среќа? Но психотерапевтската пракса, додава д-р Давчева, открива една многу посложена вистина поточно дека „не секој човек се плаши од страдањето. Некои луѓе многу повеќе се плашат од моментите кога конечно им е добро. Таму каде што другите чувствуваат олеснување, тие чувствуваат напнатост. Таму каде што другите се радуваат, тие почнуваат да се подготвуваат за катастрофа. Колку е поголема среќата, толку поголемо станува и очекувањето дека „нешто ќе ја расипе“. Не затоа што се песимисти или што не сакаат да бидат среќни туку затоа што нивниот нервен систем, нивното тело и нивното животно искуство научиле една сурова лекција: „после убавите моменти често доаѓала болка.“

Се ова поврзано е со можности дека овие луѓе, како деца, добивале љубов која ненадејно се претворала во критика, по моменти на блискост да следат отфрлање, загуба и понижување или секојпат кога животот им изгледал мирен доживеале нешто што целосно го нарушувало нивното чувство на сигурност.

Со текот на времето, човечката психа почнува да создава една невидлива равенка: Ако сум премногу среќен, ќе платам цена! И тогаш човекот, сосема несвесно, почнува да го прави невозможното, односно да се заштитува од сопствената среќа. Па така, ќе ја минимизира секоја радост, ќе најде причина за грижа и кога нема реална опасност, ќе се сомнева во убавите односи, ќе избегнува успех затоа што успехот носи очекувања, ќе останува во познатото страдање затоа што непознатата среќа изгледа многу поризична.

Однадвор изгледа како човекот самиот да си ги расипува убавите работи. Но одвнатре, тој не се обидува да си наштети. Тој се обидува да преживее.

Д-р Давчева потенцира дека во психологијата овој феномен често се поврзува со стравот од среќа, познат и како херофобија и препознаен како реално психолошко искуство кај луѓе кои ја поврзуваат радоста со опасност, казна, загуба или разочарување. Овој страв не е слабост, туку креативен начин на преживување кој некогаш бил неопходен, а денес станал пречка за автентичен живот.

Според неа, од перспектива на гешталт психотерапијата, прашањето не е: Зошто еден човек не сака да биде среќен? Многу поважно прашање е: Што научил тој човек за среќата, за да мора денес да се плаши од неа? Токму во одговорот на тоа прашање започнува вистинската психотерапевтска работа. Не со убедување дека „нема од што да се плаши“, туку со љубопитност, свесност и длабоко разбирање дека секој симптом некогаш бил најдобриот можен начин човекот да се заштити. Бидејќи понекогаш најголемата храброст не е да се соочиме со болката. Најголемата храброст е да му дозволиме на мирот да остане доволно долго во нас, без постојано да очекуваме дека ќе биде одземен.

Дума.мк: Кога среќата станува опасност и какво е психотерапевтското разбирање на херофобијата?

Д-р Давчева: Од перспектива на гешталт психотерапијата, човекот не се раѓа со страв од среќа. Ниту едно дете не се плаши да се радува, да се смее, да истражува или да ужива во моментот. Напротив, природната состојба на човекот е спонтан контакт со животот. Прашањето не е „Што не е во ред со овој човек?“ туку „Што му се случило во неговиот контакт со светот, за среќата да стане опасност?“. Токму во контактот со средината започнува да се формира начинот на кој човекот ќе ја доживува реалноста. Ако детето расте во средина во која радоста е прифатена, во која има стабилност, сигурност и емоционална достапност, неговиот организам природно учи дека е безбедно да се препушти на убавите моменти. Но, ако средината е непредвидлива, хаотична, исполнета со конфликти, насилство, болест, губитоци или емоционално занемарување, организмот почнува да создава сосема поинаква мапа на светот. Не затоа што така одлучил, туку затоа што така научил да преживее. На пример: детето можеби се смеело со родителот, а само неколку минути подоцна станало сведок на жестока караница. Можеби токму по најубавиот семеен ден следела болест, смрт или развод. Можеби секогаш кога покажувало пријатна возбуда, некој му велел: „Животот не е бајка. Не се радувај толку, не се смеј многу, после ќе плачеш. Ќути, не кажувај дека ти е убаво, да не те урочи некој!“. Низ годините овие пораки не остануваат само зборови. Тие стануваат интроекти – несварени психолошки „вистини“ кои човекот ги голта без да има можност критички да ги преиспита. Интроектот не функционира како мислење. Тој функционира како закон. Возрасниот човек повеќе не слуша нечиј глас однадвор. Тој самиот несвесно и автоматски си го повторува истиот глас. И секојпат кога ќе почувствува радост, љубов, мир или успех, во него се активира длабоко вкоренетото убедување: „Внимавај. Ова нема да трае!“ или уште подлабоко:

„Ако ми биде премногу добро, сигурно ќе се случи нешто лошо!“. На тој начин организмот не реагира на сегашноста, тој реагира на старото искуство. Минатото продолжува да живее како сегашност.

Дума.мк: Кога психолошки се прекинува контактот со радоста?

Д-р Давчева: Здрав контакт подразбира кога човекот целосно го искусува она што му се случува во моментот, да го почувствува, да остане присутен, да дозволи искуството да се доврши. Но кај луѓето кои се плашат од среќата, токму во моментот кога радоста почнува да се појавува, контактот се прекинува. Наместо да останат во чувството тие започнуваат да си повикуваат катастрофични мисли: „А што ако… Што ќе биде ако нешто ќе тргне наопаку… Ова предобро е за да биде вистина!“ Така тие повеќе не се во контакт со моментот. Тие веќе живеат во катастрофата што реално сè уште не се случила. Телото можеби е на семеен ручек, на одмор, со саканата личност или го слави својот успех, но свеста веќе бара опасност. Тоа е еден од најболните прекини на контактот, затоа што човекот физички е присутен во радоста, а психолошки отсутен е од неа.

Еден од честите механизми што ги среќаваме е ретрофлексија или состојба кога човекот сам си ја одзема радоста. Тоа е моментот кога енергијата која природно би се движела кон надвор, човекот ја враќа кон себе. Наместо да се препушти на уживањето, тој самиот почнува да го сопира. Наместо да ја живее радоста, почнува да ја анализира. Наместо да ја почувствува благодарноста, почнува да бара што недостасува. Наместо да слави успех, веднаш си поставува нова задача. Наместо да се одмори, чувствува вина. Организмот како да си вели: Не се опуштај, не губи контрола, биди постојано подготвен! Така човекот станува сопствен чувар и сопствен затвореник. Колку повеќе се обидува да се заштити од идната болка, толку повеќе се лишува од сегашниот живот.

Гешталт психотерапијата не гледа на човекот како на збир на симптоми, туку како на динамичен систем исполнет со поларитети. Кај херофобија ( состојба кога се има ирационален отпор кон среќа) еден од најсилните поларитети е токму односот помеѓу радоста и стравот. Еден дел од личноста копнее по мир, по љубов, по блискост, по успех, по живот без постојана борба. Другиот дел вели: „Не верувај, ќе бидеш повреден, подготви се, подобро е однапред да страдаш, отколку повторно да бидеш изненаден!“ Овие два дела не се непријатели. И двата дела сакаат да го заштитат човекот, само што користат различни стратегии. Првиот верува во живот, а вториот верува во преживување. Психотерапијата не се обидува насилно да го замолчи ниту еден од нив. Таа создава простор тие конечно да се сретнат, искомуницираат, прифатат и интегрираат.

Дума.мк: Како психотерапијата му помага на човекот повторно да му верува на мирот и среќата?

Д-р Давчева: Најчестата заблуда е дека психотерапијата треба да го убеди човекот дека нема причина за страв. Но телото не се убедува со логика. Телото се менува преку ново искуство. Во безбедниот терапевтски однос, клиентот постепено почнува да забележува што се случува во него, токму во моментите кога чувствува мир, не само кога е вознемирен туку кога му е добро. Терапевтот може дискретно да го покани да остане уште неколку моменти со чувството на мир, наместо веднаш да побегне во анализа, грижа или катастрофични сценарија. Токму тука се случува најважната промена. Не исчезнува стравот, туку расте капацитетот на човекот да остане присутен покрај него. Тој полека открива дека мирот не мора секогаш да биде вовед во катастрофа, дека радоста не е опасност, дека опуштеноста не е слабост, дека животот може да понуди и искуства кои не завршуваат со загуба.

Целта не е човекот постојано да биде среќен. Тоа би било уште една илузија. Целта е да стане доволно присутен, доволно свесен и доволно во контакт со себе, за да може да ја прими радоста кога ќе дојде, без веднаш да ја оттурне од страв дека не ја заслужува или дека ќе биде казнет поради неа. Не е целта живот без болка, туку живот во кој повеќе не мора да се бега ниту од болка, ниту од среќа.. Можеби токму тоа е најголемата слобода што психотерапијата може да му ја понуди на човекот поточно постепено водење кон самосвесност, а не кон самоосуда.

Дума.мк: Низ призмата на психотерапијата, како може читателот да препознае дека има херофобија, односно дека се плаши да му биде добро?

Д-р Давчева: Најголемата вредност на еден ваков текст не е само да информира, туку да допре до многу луѓе, да им помогне на читателите да погледнат кон себе со повеќе љубопитност и помалку самоосудa и да се почувствуваат разбрани. Да ги поттикне не само да размислуваат, туку и да се запрашаат: „Дали и јас понекогаш бегам од она што најмногу го посакувам?“ Тоа е прашање од кое често започнува вистинската промена.

Овој текст не останува на нивото на објаснување на херофобијата, туку постепено го води читателот низ едно гешталт психотераписко патување во кое што прво му дава можност да го препознае симптомот, потоа или второ, да го разбере неговото потекло, да ја види неговата функција како креативна адаптација и на крај да му отвори перспектива дека промената не значи да престане да чувствува страв, туку да го прошири својот капацитет за контакт со животот. Во духот на гешталт психотерапијата во ниту еден момент не се патологизира човекот. Наместо да се каже: „Овој човек има нарушување“ се вели: „Овој човек некогаш научил дека радоста е опасна.“ Тоа создава емпатија, а не осуда.

Херофобијата ретко се појавува како јасна мисла: „Се плашам од среќата!“ Таа многу почесто живее скриена зад секојдневни навики, реакции и начини на размислување кои со текот на времето станале толку вообичаени, што човекот повеќе не ги забележува. Можеби токму сега, додека го читате овој текст, препознавате нешто свое. Не за да си поставите дијагноза, туку за да се запрашате со љубопитност што се случува во вас кога животот конечно ќе стане помирен и по среќен? Можеби долго време сте посакувале одмор. Но кога конечно ќе заминете, наместо да уживате, постојано размислувате дали дома сè е во ред, дали ќе се случи нешто непредвидено или дали треба порано да се вратите. Можеби долго сте се бореле за работно место. Кога конечно ќе го добиете, наместо да се радувате, ве обзема мислата дека нема да ги исполните очекувањата, дека ќе ве разоткријат како „недоволно добри“ или дека успехот нема долго да трае. Можеби конечно сте запознале личност со која се чувствувате мирно и сакано и наместо да се препуштите на блискоста, почнувате да барате знаци дека ќе ве напушти, дека нешто крие или дека сето тоа е предобро за да биде вистина! Можеби, секогаш кога ќе почувствувате дека животот ви оди добро, несвесно почнувате да се грижите за нешто што сè уште не се случило. Како да не можете да му верувате на мирот. Како организмот постојано да ви шепоти: „Не се опуштај. Остани подготвен. Не се радувај премногу.“ И можеби најболно е што овие мисли не ве прават посигурни. Само ве оддалечуваат од животот што веќе го живеете.

Во гешталт психотерапијата не се обидуваме веднаш да ги промениме овие реакции. Најнапред ги забележуваме, затоа што свесноста е првиот чекор кон промената.

Обидете се искрено да си ги поставите следните прашања: „Што се случува во мене кога конечно ќе почувствувам мир? Колку долго можам да останам во радоста пред да почнам да очекувам нешто лошо? Кои реченици најчесто си ги кажувам кога животот ми оди добро? Чиј глас е тоа? Дали навистина е мој? Дали ми е полесно да живеам во грижа отколку во доверба? Што добивам ако постојано очекувам опасност? Од што всушност се обидувам да се заштитам? Ако денес си дозволам да бидам среќен, со што најмногу се заплашувам дека би можело да се случи?“

Не брзајте да одговорите. Одговорите не доаѓаат со напрегање на умот. Тие доаѓаат од тишината. Од чувството што ќе се појави додека ги читате овие прашања, при што многу често, започнува вистинската психотерапија.

Можеби најголемата трагедија не е тоа што човекот страда. Најголемата трагедија е кога толку долго живеел во страдање, што мирот почнува да му изгледа сомнителен. Кога спокојот го доживува како вовед во катастрофа. Кога радоста станува причина за претпазливост, а не за благодарност. Но, она што еднаш било научено, може постепено да биде и преучено. Не со присила, не со позитивно размислување, не со убедување дека „сè ќе биде добро“ туку преку ново искуство. Преку однос во кој човекот првпат ќе почувствува дека може да биде автентичен без да биде казнет. Дека може да се радува без да очекува загуба, дека може да остане во мир без постојано да се подготвува за бура. Можеби токму тогаш ќе сфати дека никогаш не се плашел од среќата, туку се плашел од болката што некогаш доаѓала после неа. А кога таа стара врска ќе почне да се расплетува, се отвора можност за едно сосема ново искуство. Да се живее. Не во постојано исчекување на најлошото, туку во храброста целосно да се доживее она што животот го нуди. И радост и тага и љубов и загуба. Бидејќи психолошкото здравје не значи никогаш да не почувствуваме болка. Тоа значи да не мораме однапред да се откажете од среќа, само за да се заштитите од можноста еден ден повторно да бидете повредени.

Со ова не само што се објаснува феноменот на херофобија, туку низ автентична призма на гешталт психотерапија се расветлува дека симптомот не е непријател, туку креативна адаптација што некогаш го штитела човекот, а денес може да се трансформира преку свесност, контакт и ново релациско искуство.

Дума.мк: На крај, кога ќе го најдеме местото каде што ни е добро?

Во психотерапијата не нè интересира само како човекот влегува во доброто. Многу повеќе нè интересира зошто не може да остане во него. Тоа е всушност целата приказна за херофобијата. Организмот не може долго да остане во искуство кое му е непознато, дури и кога тоа искуство е убаво. Ова е во контекст на гешталт концептот за капацитет за контакт, при што не велиме дека човекот бега затоа што сака да страда.

Туку: Организмот се повлекува кога нивото на новина, блискост или сигурност станува поголемо од неговиот актуелен капацитет да го издржи контактот.  Постои една стара бајка што можеби некои од нас ја паметат од детството. Тоа е приказната за „Златокоса и трите мечки.“ Како деца ја слушавме како поука за пристојност, дека не треба да влегуваме во туѓ дом непоканети и да земаме нешто што не ни припаѓа. Но, кога ќе ја погледнеме низ психотерапевтска призма, таа открива една многу подлабока човечка вистина.

Златокосата влегува во туѓа куќа и почнува да бара. Првата чинија каша е премногу жешка. Втората е премногу ладна. Третата е токму онаква каква што ѝ одговара. Потоа ги пробува столчињата. Една е преголема. Втора премала. Третата е вистинската. Истото се случува и со креветите. Златокосата дури во третиот успева да се опушти. Како конечно да го пронашла местото што одговара на нејзиниот организам. Ова е природна организмичка саморегулација. Организмот непрекинато бара што му е потребно, што го храни, што му носи рамнотежа, што му овозможува контакт. Тој природно се движи кон она што му е „таман“. Не кон совршеното, туку кон автентичното, кон она што навистина одговара на неговите потреби. Но, токму кога Златокоса конечно го наоѓа тоа место, текот на приказната нагло се менува. Мечките се враќаат. А таа не разговара, не проверува што ќе се случи и не останува. Скока низ прозорецот и бега во шумата. Токму тука започнува психотерапевтската приказна, а најинтересниот дел не е тоа што Златокосата влегла во туѓа куќа. Најважното прашање е: Зошто не можела да остане таму? Можеби не бегала само од мечките. Можеби бегала од чувството дека конечно нашла место каде што може да биде спокојна, мирна. А токму тоа чувство за многу луѓе е најнепознатото искуство. Човек кој пораснал во непредвидлива средина, каде што љубовта била проследена со разочарување, мирот со конфликт, а радоста со загуба, не учи дека сигурноста е природна. Напротив… Неговиот организам учи дека секој убав момент може да биде вовед во болка. И тогаш, кога конечно ќе се појави нешто што наликува на дом, на припадност, на љубов или на мир и сигурност, се активира стариот механизам на преживување. Не затоа што човекот не го сака доброто, туку затоа што не знае дали може да му верува.

Секој човек има свој капацитет за контакт. Не само со болката, туку и со радоста. И колку и да звучи необично, за некои луѓе е полесно да останат во страдање отколку во мир и спокој. Страдањето им е познато. Мирот не им е. Па организмот несвесно го прекинува контактот токму тогаш кога почнува да чувствува дека нешто е добро. Почнува да бара недостатоци, да се сомнева, да очекува катастрофа, да се повлекува или самиот да го расипе односот што конечно почнал да му носи сигурност. Не затоа што сака да изгуби. Туку затоа што загубата однапред му изгледа помалку болна отколку можноста повторно да биде изненаден. Така човекот не бега од љубовта, не бега од успехот, не бега од мирот. Тој бега од старото чувство дека сето тоа може секој миг да му биде одземено.

И тука се раѓа парадоксот…

Колку повеќе копнее по сигурност, толку повеќе самиот се оддалечува од неа. Колку повеќе копнее по припадност, толку потешко останува таму каде што конечно е прифатен. Колку повеќе посакува мир, толку повеќе неговиот организам останува подготвен за бура.

Во психотерапијата не се обидуваме да го убедиме човекот дека животот никогаш повеќе нема да го повреди. Тоа би било лага. Но можеме да му помогнеме да изгради нешто многу поважно, а тоа е капацитет да остане присутен во мирот. Да не побегне веднаш штом ќе почувствува дека му е добро. Да забележи кога старата приказна повторно му шепоти: Не верувај. Не се опуштај. Замини пред да биде доцна! И наместо автоматски да ја послуша, за првпат да направи нешто поинакво. Да остане. Да дише. Да почувствува. Да провери дали сегашноста навистина е иста како минатото.

Убавка Јаневска

Д-р Мимоза Давчева, лиценциран психолог, гешталт советник и психотерапевт, автор на бројна стручна литература, универзитетски предавач и едукатор во Резиме додава:

„Можеби сите ние, во одреден период од животот, сме како Златокоса. Бараме место каде што ќе ни биде „таман“. Однос во кој ќе бидеме прифатени. Дом во кој ќе се чувствуваме безбедно. Работа што ќе нè исполнува. Луѓе покрај кои нема да мораме да се преправаме. Но вистинскиот предизвик не започнува кога ќе го најдеме тоа место. Тој започнува тогаш кога треба да си дозволиме да останеме во него. Да не скокнеме низ прозорецот уште при првиот бран на страв. Да не ја оттурнеме љубовта затоа што не веруваме дека ќе трае. Да не го расипеме мирот затоа што сме научиле дека после секоја радост доаѓа казна. Не да учиме како да ја бараме среќата, туку како да останеме во неа. Како полека да изградиме доверба дека мирот не е замка. Дека блискоста не мора да заврши со отфрлање. Дека радоста не мора да биде вовед во страдање. И дека понекогаш, она што цел живот сме го барале, навистина може да биде наше место. Не затоа што животот никогаш повеќе нема да нè повреди, туку затоа што конечно сме изградиле доволно внатрешен простор да не бегаме од она што ни носи љубов, сигурност и мир. А можеби токму во тоа се состои вистинската психолошка зрелост. Не во тоа никогаш повеќе да не почувствуваме страв, туку во тоа, и покрај стравот, да останеме таму каде што животот конечно ни е таман.

Најголемата трагедија не е кога човекот не ја пронаоѓа среќата. Најголемата трагедија е кога конечно ќе ја пронајде, а неговиот организам нема доволно доверба да остане во неа. Психотерапијата не нè учи како да бидеме постојано среќни. Таа нè учи како да останеме присутни кога животот конечно ќе ни понуди мир и среќа, без веднаш да почнеме да очекуваме дека ќе ни бидат одземени.“

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.