Четири новозаболени и тројца оздравени велешани од Ковид-19, вирусот „влезе“ во комуналното претпријатие а во болницата располагаат со легла за нови болни
19.10.2020
Не сопира ширењето на заразното заболување во Велес. И денеска се регистрирани четири новозаболени сограѓани. Во статистичките податоци од изминатата недела се вбројани и двајца заразени административни работници од оддел во Јавното комунално претпријатие „Дервен“ кои во изолација ги ставија и останатите административци па сега на работа се само со теренските работници. Засега таму со благи симптоми има уште еден вработен.
– Според специфичната работа и грижата за хигиената во Велес теренските работници мора да останат на работните места. Ги применуваме сите протоколи за работа и ја следиме нивната здравствена состојба. Искрено посакуваме брзо оздравување на заболените. Се надеваме дека болеста нема да се прошири на здравите работници и дека ќе продолжиме да ги извршуваме неопходните услуги на граѓаните во Велес, рекоа од ЈКП „Дервен“.
Денеска, Институтот за јавно здравје, регистрира двајца оздравени велешани од коронавирус.
Според податоците на Општа болница Велес во моментов на Инфективно одделение се лекуваат 37 пациенти од кои 31 пациенти се потврдено позитивни на коронавирус додека за шест се чекаат резултати од земен брис.
-Петнаесет пациенти се на кислородна поддршка, додаде д-р Весна Николовска Неделкова.
Во вардарски плански регион освен во Велес регистрирани се уште двајца новозаразени граѓани во Кавадарци. Битката со невидливиот убиец ја изгуби 56 годишен кавадарчанец.
Освен тројца оздравени пациенти во Велес има и пет во Кавадарци и двајца во Свети Николе./У.Ј