Ахмети: Македонските лидери да се надминат себеси за да се реши кризата
Актуелната политичка криза во земјата била тема на разговор денеска и меѓу лидерот на ДУИ Али Ахмети и американскиот конгресмен Елиот Енгел, пишува Инфо.
Ахмети , како што е соопштено, информирал дека се уште нема решение за поделбата на власта меѓу двете македонски политички партии. Tој смета дека ова треба да се надмине од двајцата македонски лидери што е можно побрзо во интерес на државата и граѓаните, а тие, треба да се надминат себеси и да размислуваат за државата.
Тој посочил и дека постигнатиот договор околу реформите за посилна држава и институции со интегритет и поголема доверливост треба да се спроведе со општествен консензус.
„Дел од договорената агенда меѓу лидерите исто така се и меѓуетничките односи, Охридскиот договор, односите со соседите и евроатланската интеграција“, соопшти ДУИ.
Ахмети, се вели во соопштението, зборувал и за важноста на решавањето на кризата со цел да се вратиме на приоритетната агенда на земјата, интегрирањето во НАТО и ЕУ и за ова побарал директна и итна помош од страна на американските власти. Македонија да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите за членство во ЕУ.