Центарот за научна фантастика „Визија“ остана и без просторот во кој времено беше сместен а од општината велат тоа е времено до новиот конкурс за распределба
Здружението на граѓани „Визија“ кое има триесет годишна традиција и светско реноме, остана на улица. Просторијата која речиси три години ја користеше во Урбаната заедница 9-ти Ноември, повеќе не може да ја користи. Денеска локалната самоуправа по барање на раководството на урбаната ги исели работите на здружението и ги смести во депо.
Членовите на Здружението или попознато како центар за научна фантастика цели триесет години работат во илегала. И покрај обидите и барањата од општината да им додели простор, тие постојано се селат од едно на друго место.
– Ние сега продолжуваме да работиме во илегала. Центарот за научна фантастика кој следната година слави триесет години и амбасадата на поети која годинава слави пет години, остануваме и како секогаш на улица. Уличари не направија. Мислам дека општината ќе го смени мислењето па ке ни додели заслужено еден простор во кој ќе можеме да ја обавуваме својата работа, рече Љупчо Михајловски.
Иако досега неколкупати побарале простор од општината, секогаш добивале одговор дека се правел список на слободни простории и на објавениот конкурс ќе можеле да конкурираат. Но досега такво нешто не се случило.
– Истиот одговор го добиваме секогаш. Се гордеат со нашата работа а не ни даваат услови за да можеме да работиме, рече Љупчо Михајловски.
Од општината пак велат дека здруженијата немаат официјален документ за користење на просторот, туку во него се вселиле само со усмен договор со претседателот на урбаната заедница. Иборот на раководството на заедницата сега е причината за нивно исселување. Општината го организира транспортот и инвентарот, цртежите, книгите и документите ги сместува во простор кој е во нејзина сопственост. Така ќе биде до новиот конкурс на кој ќе може да конкурираат и овие две граѓански здруженија.
– Значи по барање на претседателот на Урбаната заедница ние го исселуваме здружението, бидејќи му претстојат избори на раководството. По изборите комисијата ќе направи проценка на имотот на општината, ќе објави кокурс и секое здружение или организација ќе може да конкурира и во зависност од условите и критериумите што ги исполнува ќе може да добие простор, рече Мартин Мајсторов, портпарол на општина Велес.
Сепак дел од просториите во урбаната заедница и во иднина ќе ги користат уште неколку здруженија кои таму се сместени. Тие нема да им сметаат при изборот на раководството./Д.С