ИН МЕМОРИАМ: Др Киро Даскалов – Даскалот, специјалист на првата велешка генерација на стоматолози
На 89 годишна возраст, вчера, во Велес по кратко боледување почина др Киро Даскалов Даскалот, пензиониран специјалист стоматолог, којшто и припаѓаше на првата генерација на дипломирани велешки стоматолози.
Др Даскалов беше дипломец на Медицинскиот факултет во Белград на отсек Стоматологија. По дипломирањето веднаш се вработил во тогашната здравствена установа Медицински центар Велес. Најголем дел од својот работен век, др Даскалов, посвети на здравјето на работниците во тогашните стоматолошки амбуланти отворени во фабриките и претпријатијата во родниот град какви што беа фабриката за порцелан и керамички производи „Порцеланка“, во Свиларски комбинат „Нонча Камишова“ како и во велешката Топилница за олово и цинк.
Додека беше дел од топилничарската стоматолошка ординација др Даскалов доби и специјализираше на стоматолошката медицинска гранка „Болести на уста со пародонт“.
Тоа се седумдесеттите години на минатиот век кога тогашната велешка здравствена установа им даде специјализации и ги доби специјалистите др Славка Ефтимова како прв специјалист за протетика, др Киро Даскалов прв специјалист за болести на уста со пародонт, др Мирослав Мешков прв специјалист ортодонт а потоа и доктор на науки како и др Љупка Богданова прв специјалист по детска стоматологија и превенција.
Стоматологот др Даскалов беше народен лекар, со ведар дух и препознатил по сопствената доблест за хумор, со што придонесуваше пациентите лесно да го надминат стравот и стресот.
Посмртните останки на др Киро Даскалов Даскалот денеска беа изложени во 13:00 часот во црква „Свети Спас“ додека погребот се одржа еден час подоцна.
Вечна слава докторе Даскалов.
Убавка Јаневска