Нема греење во патничките возови со кои патуваат велешани за Скопје
„Во раните утрински часови се смрзнуваме, а кога ги прашуваме кондуктерите или машиновозачите што се случува и зошто не ни пуштаат парно, тие само креваат раменици“, велат велешани кои имаат железнички месечни билети. Тие особено се жалат на патувањето од вчераутро и на денешното кога живата во термометарот се спушта и до минус седум степени.
Овие патници бараат одговор на прашањето кога ќе добијат парно греење во возовите. Тие тврдат дека освен наутро затоплување во купињата немало ниту во попладневните и вечерни возови со кои се враќале кон Велес.
Според информациите од нивните телефонски јавувања, уште понеподносливо патувањето до Скопје го правело и возењето од цели 3 часа наместо вообичаениот час за оваа дестинација.
Така било деновиве откако се случи железничката несреќа кај станицата „Рајко Жинзифов“ па сега на тој дел од пругата возовите се движеле многу споро. Некој од патници тврдат дека со утринскиот воз кој поаѓа во 6 часот од станицата во Велес патувале три часа, други спомнуваа два наместо вообичаеното до Скопје. Тие рекоа дека кога во 8 или 9 часот стигнувале доцниле на работа, на факултет и на училиште./Б.Н