Станарите во кулата, спроти споменикот на Брашнаров, бараат вода
Објавено: 6 декември, 2013, во 16:36 часот
Летово два месеци сега две недели без вода живеат граѓаните во кулата со број 125 на главната улица „Благој Ѓорев“. Нивните чешми се секнати поради расипаните пумпи, на повисоките катови, кои служат за потиснување на водата од подрумите кон врвот на кулата. Граѓаните кои живеат на повисокиот дел во единаесеткатницата, раскажуваат како повеќе не можат да издржат без вода во становите.
– Ова не е од денеска туку проблем кој се провлекува со години. Водата стигнува до четвртиот кат а ние кои живееме на шестиот и повисоките катови имаме сериозни проблеми. Сите страдаме затоа што не можеме да се договориме. Во зградата има пет до шест социјални семејства но тие се десет отсто од вкупниот број на станови, рече станарка во зградата.
– Се жалевме во комуналното претпријатие а баравме помош и од општината. Првите ни рекоа дека сами треба да си ги сервисираме пумпите а од општината дека ќе ни помогнат ама и летото помина дојде зима и немаме никаков абер што тоа се случува и до кога ќе живееме без вода, рече станар во зградата.

Оваа единаесеткатница била изградена пред три децении. Во неа има вкупно 66 станови во кои живеат околу 270 граѓани. Тогаш консултантот го понудил решението за снабдување на повисоките катови со хидрофорски пумпи. Локацијата на кулата е веднаш до главната улица „Благој Ѓорев“ и под улицата „Васил Главинов“. Станарите тврдат дека кога би имале водоснабдување по природен пат и кое би доаѓало од погорната улица тогаш немало постојано да се соочуваат со расипаните пумпи и жетта која најчесто зависи од тоа што немаат пари за поправка. Затоа бараат помош од „Дервен“ и од општината.
Од јавното комунално претпријатие велат дека го знаат проблемот. Хидрофорските пумпи се наоѓаат во зградата а тие имаат обврска да поправаат само до влезот но, не и внатре.
– За сервисирање на дефектите во внатрешноста на зградата надлежен е куќниот совет, но со цел да се најде решение за овој проблем станарите се препратени до општина Велес, рече портпаролот Тодорка Андреева.

Проблемот и е познат и на општината од каде рекоа дека работат за да се реши. Во писмената изјава општината напиша дека в година ќе се реши проблемот на станарите во оваа кула во новиот дел на градот.
„За да се надмине наведениот проблем како и да се заштеди електрична енергија ќе се изгради нова водоводна линија за гравитациско водоснабдување на наведените висококатници.
За изведба на водоводна линија на улица “Благој Ѓорев” во близина на споменикот Панко Брашнар за гравитациско водоснабдување на кулите потребни се средства во износ од 1.313.353,00 денари,“ одговорија од општина Велес.
Одтаму тврдат дека им останало да ја докомплетираат документацијата која била потребна за аплицирање на проектот со кој ќе бараат пари од Европската банка за инвестиции./Б.Н


