И втора група поранешни работници на Порцеланка бара обештетување од државата
Држејки ги во раце истите негативни решенија со кои Агенцијата за вработување во 2008 година ги одби и не им даде право на користење на месечен надомест по основ на стечај денеска во центарот на Велес протестираа триесетина поранешни вработени во велешка Порцеланка. За разлика од нивните колеги, кои во неделата беа лично информирани од министерот за труд Диме Спасов и директорот на Агенцијата Влатко Попов дека остварија право на стечаен надомест, оваа група на 30-сет поранешни Порцеланци не се најдe на списокот за добивање на паричен надомест.
Тие реагираат зошто државата ги стави во подредена положба со 70 – на нивни поранешни колеги. Сметаат дека доколку Владата признала дека фабриката беше државна кога отиде во стечај тогаш и нив треба да им даде статус на стечајци без разлика што се откажале од тужбите пред повисоките судови. Според оваа група на поранешни работници во Порцеланка законот треба да важи за сите кои ги исполнуваат условите.
– Кога конечно се дозна дека фирмата била во државна сопственост а тоа треба да значи дека сите работници кои навршиле 25 години стекнале право на надомест, а не селективно. Јас не сум на списокот не сум тужел но затоа што сум немал пари. Од каде да ги најдев кога неможев да преживеам, рече поранешен работник на Порцеланка.
Овие поранешни работници на фабриката за порцелан и керамички плочки имаат различни причини поради кои не можеле да трчаат по судските и државните лавиринти и да го докажуваат нивното право.
– Единствената работа според која не ставаат во подредена состојба со нашите колеги кои им ветија ретроактивен и редовен стечаен надомест е само што тие тужеле а ние не сме тужеле или сме го испуштиле тој законски рок од 15 дена на жалба. Јас бев на болничко лекување и го пропуштив рокот. Треба ли тоа да значи дека сега не треба да бидам обештетен и да не стекнам право на паричен надомест, рече поранешен работник на Порцеланка.
Тој и неговите колеги, по протестот, заминаа во велешката подружница на Агенцијата за вработување да си го бараат правото на надомест.
Инаку 70 стечаци од истата фабрика по судови и институции цели пет години мораа да и докажуваат на државата дека Порцеланка беше државна фирма кога се продаде. Нив, конечно во неделата, им признаа дека се во право министерот Спасов и директорот Попов. Тогаш им соопштија дека државата ќе им исплати ретроактивно по 7 илјади евра и од јануари, вгодина ќе им дава по 7 илјади и 400 денари месечно додека повторно не се вработат или пензионираат./Б.Н