Не сме узурпатори, туку легални корисници на предпросторот пред кафетериите на улица „Благој Ѓорев“, реагира еснафот на угостители
Објавено: 5 октомври, 2013, во 12:51 часот
На главната улица „Благој Ѓорев“ има само четири зелените површини, со во просек по околу 12-15 квадратни метри, на кои исто толку кафетерии имаат поставено платформи со маси, столови и фотељи. Тие не се диво поставени, напиша во писмената реакција Здружението на туристички и угостителски работници на Велес.
Реакција на еснафот следи по континуираните објавувања од страна на медиумите на поплаките на станарите во зградите на чие приземје се сместени кафетериите. Од еснафот велат дека не се издржани граѓанските поплаки и тоа од неколку причини.
– Ние не сме узурпатори туку сме легални корисници,плаќачи и јавно ќе соопштиме детали за површината за која повеќе пати бевме прозивани, напишаа угостителите. Тие велат дека на тој дополнителен простор, поставиле гарнитури за седење и овозможиле уште по некое вработување на претежно млади луѓе. Отворените работни места, колку и да се, значат егзистенција за семејства во Велес и тоа не смее да се занемарува.

Здружението смета дека не е издржана ниту поплаката на граѓаните кои сметаат дека ја злоупотребиле површината за игралишта на децата кои живеат во становите во зградите.
– Тој простор е премал за игралиште за нивните деца и сакаме да ги прашаме зошто за играње не ги користат огромните зелени површини позади зградите на кои фрлаат кеси со отпадоци или дел од нив сами паркот го пренаменија во паркинг простор. Таму нема голем сообраќај и е мирно, тивко и идеално за игралишта за дечињата, но сепак сметаме дека во нашиот случај не станува збор за нешто друго освен за завидливост и љубомората, стои во реакцијата на здружението.
Тоа реагира и во врска со дезинформациите дека Општината и инспекциите не си ја вршеле работата за наплата на предпросторот, гласната музика и хаосот.
– Секој угостителски објект што користи предпростор има детален изработен елаборат за користење на јавна површина според кој се плаќаат давачките за изнајмување на просторот кој чини 5 денари од метар квадратен дневно. Сечењето на дрвјата кои беа за сечење поради опасност и беа исечени од страна на ЈКП Дервен станарите го искористија по медиумите да шират гласини дека сопствениците на кафе баровите ги исекле дрвјата што не е ни најмалку вистина. Гласната музика е дамнешно алиби на станарите со цел да ни се урива угледот со негативни констатации по медиуми и тоа од страна на само дел станари. Сакаме да соопштиме дека нашите објекти одамна имаат изработено елаборати во кој се извршени мерења на гласност на бучава, загадување и слично. Во нив пишува дека најголема бучава прават возилата на главната улица (над 40децибели), но што е тука е, живееме во урбана средина не можеме и возилата да ги спречиме да возат по главната улица, напишаа од здружението.

Тоа појаснува дека само мал дел станари во зградите над кафе баровите на „Благој Ѓорев“ ги шират дезинформациите со цел да создадат погрешна слика.
– Ние се трудиме да понудиме што подобар социјален живот за младите, кој се почесто се по темни паркови и места а знаеме поради што, се почесто се пред компјутери и затворени дома што не е добро а воедно заработуваме како угостители за нашите семејства, вработуваме огромна бројка луѓе која заедно кај сите угостители само на ова улица во градот ја премина бројката од 120 луѓе. Ние плаќаме давачки кон државата и општината, потрошуваќи сме на производи, работиме со добавувачи на стока за потребите кој исто така се инволвирани во проблемите на угостителите затоа што и нивната работа зависи од нас, и со секој проблем, не само со овој, ни се урива угледот и трпиме огромни загуби како ние така и вработените лица кај нас, велат овие угостители.
Тие појаснија дека во светот има места за зелени површини но и планско искористување на секое парче простор во центарот на градовите за вработување на човек повеќе.
На фотографиите се прикажани зелените површини позади комплексот згради на улица „Благој Ѓорев“ во чие приземје се сместени кафетериите.





