Директорот кој крадеше артефакти од велешкиот музеј е разрешен и заработи притвор
Објавено: 11 септември, 2013, во 12:49 часот
Разрешувањето се случи денеска откако градоначалникот добил официјална информација за кривичната пријава за кражба и злоупотреба на службената положба од полицијата. Институцијата веднаш ќе добие прв човек, ќе биде именуван од редот на вработените за времено да ја извршува функцијата се до изборот на нов директор. Деновиве општината ќе распише оглас за нов.
– Ќе постапам согласно надлежностите кои ги има градоначалникот и уште денеска Народниот музеј ќе има нов директор, значи в.д директор, рече Славчо Чадиев
Вчера полицијата обелодени дека сребрените монети кои исчезнаа од фиоката на археологот ги земал директорот, а откако кражбата беше пријавена ги врати со образложение дека е колекционер. После ова ревизори ќе го проверуваат работењето на музејот.
– Истовремено ќе биде испратен општинскиот ревизор за проверка на материјално финансовото работење на институцијата. Истовремено стручни екипи ќе ги проверат и останатите работи и очекувам дека за месец и половина ќе имаме целосни резултати, рече Чадиев.

Општината веќе изработила проект за видео обезбедување во сите локални институции и се надева дека тоа ќе помогне во откривање на слични криминални дела. Инаку музејот каде што се случи кражбата на монетите од времето на Александар Македонски се наоѓа во центарот на градот и веќе е под видео надзор, но тоа не го спречи директорот да ги одземе вредните предмети .
Истражен судија денеска на осомничениот Петре Костов му одреди мерка притвор во времетраење од 30 дена./Б.Н


