Прв ден на пунктот за масовна вакцинација во Велес, Градоначалникот Коцевски бара тука ревакцинација на велешани кои се вакцинирани надвор од градот(ФОТО)

Објавено на 25 мај, 2021 во 15:55
Пред пунктот за масовна имунизација во Велес

Шеесет и едно годишниот  Петре Чичевски беше првиот велешанец што денеска  ја прими првата доза на вакцината „АстраЗенека“ на пунктот за масовна имунизација во Велес.Тој по боцкањето остана уште 15 минути во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ само за да го испочитува здравствениот протокол.

Петре Чичевски, прв примател на вакцина во масовниот пункт

-Одлично се чувствувам, немам несакани последици но потребно е да седам и јас тоа го почитувам. Претходно, на лекарката и ги соопштив сите мои здравствени проблеми и се консултирав. Лекарката ми одобри вакцинирање и еве сега сум вакциниран. Чекав долго време затоа што јас се пријавив веднаш на vakcinacija.mk, втората или третата недела, штом ја пуштија во функција  страната. Јас имам дијабет затоа многу ми беше значајно да примам вакцина, додаде Чичевски.

Велешанката Лепа Тодоровска со ќерката Трајанка Костовска

Втора  вакцинирана велешанка денеска беше шеесет и едно годишната Лепа Тодоровска. Таа е хронично болна и постојано оди на дијализа. Неа денеска на пунктот за масовна имунизација  ја донесе нејзината ќерка.

-Многу добро е организирано. Од приемот преку насоките што ги добивавме каде да се движиме, консултацијата со лекарите, спроведувањето до кабините за вакцинација, вакцинирањето. Еве и просторот на кои сега седи мојата мајка по боцкањето,  за да поминат потребните 15 минути, е широк и комотен. Упатствата да се освежиме со вода или сок, одлично обмислено и спроведено. Изненадена сум од тоа што е посветено внимание на скоро секој детал од постапката. Им благодарам многу на организаторите што мојата мајка не изгуби време и што за половина час можам да си ја однесам дома, рече Трајанка Костовска, ќерка на Лепа Тодоровска.

Велешани принципиелни, седат и чекаат ред пред вакцинален пункт
Велешани ред чекаат и под наместени чадори за заштита од сонце
Волонтерите на Црвен Крст ги прозиваат граѓаните

Пред велешкиот пункт за масовна имунизација претпладнево во 10 часот беа присутни  стотина од вкупно 400 велешани со закажани термини.  Тие биле известени од матичните лекари. Граѓаните, претежно од средна и возрасна група, се пријавуваа а потоа седнуваа на клупите во паркот. Волонтери на Црвен Крст им ги проверуваа здравствените книшки и ги бараа во листите за денешната вакцинација. Потоа ги упатуваа во приемниот дел на пунктот каде помагаа и припадниците на АРМ.

Консултација со лекар овозможена и пред вакцинален пункт

По разговорот со лекарот граѓаните, денеска, се упатуваа на седум од вкупно 15 вакцинални кабини.

Велешани на приеми шалтери
Никола Димовски, Директор на Здравствен дом Велес

-Без проблеми започна процесот на имунизација за потребите на граѓаните во Велес и соседните општини Чашка,  Градско, Лозово и доколку има потреба од Свети Николе. Од Министерството за здравство на располагање имаме 1000 вакцини на „АстраЗенека“ со кои ќе се вакцинира до попладне до 16 часот . Денеска имаме 400 термини. Утре ја очекуваме и првата количина на вакцините „Синофарм“. На пунктот денеска се присутни шест лекари и осум медицински сестри на Здравствен дом Велес заедно со општинската администрација и волонтерите на Црвен Крст како логистика.  Овде на пунктот за масовна вакцинација се вакцинираат граѓани со прва доза на вакцина додека на пунктовите во Здравствен дом неделава ќе тече ревакцинацијата на граѓаните значи тие што треба да добијат втора доза на ванцина. За нив се обезбедени дневно по 90 термини, рече Никола Димовски директор на Здравствен дом Велес .

Вакцинирани велешани

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски изјави дека поаѓајќи од фактот дека ништо не треба да е поважно од здравјето на граѓаните и граѓанките се оствари идеата градот Велес да добие пункт за масовна имунизација пред се од една страна поради барањето на велешани и од друга страна поради силната поддршка од бизнис заедницата .

Градоначалник Аце Коцевски

-Без донациите на бизнис заедницата во делот на опремувањето на пунктот не ќе можевме. Неизмерно сум им благодарен. Сметам дека е еден од најдобро опремените пунктови за масовна имунизација во државата. Би сакал нивниот пример да го следат и други компании. Сите заедно се изборивме и во Велес да има ванкцинален пункт. Но тоа не е доволно.  Упатувам јавна порака до Министерот за здравство, Венко Филипче, до владата и сите вклучени во овој процес ,затоа што ние заедно со нив сме слуги или сервис на граѓаните, во Велес да се вакцинираат и нашите сограѓани кои првата доза ја примија во околните градови, особено во Кавадарци. Посебно затоа што се работи за повозрасни граѓани кои имаат проблем како да обезбедат превоз, плаќаат такси што ги чини и по 1.300 денари, губат време а и нерви. Затоа сме ние тука за да им заштедиме пари, време и нерви.Затоа апелирам кај надлежните да вложат максимални напори за да им овозможат ревакцинирање во Велес, додаде Коцевски.

Велешани добиваат вакцинални картони со закажана ревакцинација

Според него исто така е потребно први во вакциналниот пункт да се вакцинираат  граѓани кои припаѓаат на ранливите категории како и хронично болните. Бројот од 15 расположливи кабини исто така ја отвора како прашање потребата од поголем број на дози со вакцини и зголемен број на термини за вакцинирање .

Медицинскиот персонал на Служба за имунизација на Здравен дом Велес

На велешкиот пункт за масовна имунизација дневно, во две смени, има услови да се вакцинираат по 1.500 граѓани а не како денеска 400 граѓани.

Убавка Јаневска   

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.