МОН: Дамјан Давков ќе биде награден за високите постигнувања на меѓународните натпревари по математика

Објавено на 7 јули, 2021 во 15:41

Министерството за образование и наука ќе му додели две парични награди на ученикот Дамјан Давков од Штип за освоени високи места на меѓународни математички натпревари, односно за освоениот сребрен медал на Јуниорска балканска математичка олимпијада и за освоениот бронзен медал на Балканската математичка олимпијада. Двата натпревара беа одржани во 2020 година.

– Откако на јавниот повик на МОН за доделување парична награда за освоена прва, втора или трета награда или златен, сребрен, односно бронзен медал на меѓународен натпревар од областа на математиката, информатиката и природните науки, на ученикот, на наставникот кој му го предава предметот од овие области, како и на менторот кој го подготвувал ученикот за натпреварот, пристигнаа две барања од страна на младиот талентиран математичар кој е актуелен со своите постигнувања на домашни и меѓународни натпревари по математика, Комисијата задолжена за разгледување на апликациите оцени дека тие се во согласност со наведените критериуми и услови за остварување на ова право, соопшти МОН.

Министерството во соопштението упати честитки до ученикот, неговото семејство и до наставниците и менторите кои го подготвуваа за натпреварите, за постигнатите високи резултати со желби во иднина да постигнува уште поголеми успеси.

– Младите како Дамјан Давков се најдобриот репрезент на државата на меѓународно ниво и потврда дека имаме висок човечки потенцијал кој ќе обезбеди подобра иднина за општеството. Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги поддржува талентираните ученици и во иднина, вреднувајќи го нивниот труд и постигнати резултати и стимулирајќи го развојот на нивниот капацитет, преку доделување стипендии за талентирани средношколци, доделување парични награди за освоени први места на државни натпревари и високи постигнувања на меѓународни натпревари и олимпијади, наведува МОН во соопштението.

Додава и дека настојува и понатаму да креира нови и да ги унапредува постојните политики за поддршка на талентираните ученици, со цел овозможување целосно остварување на нивниот потенцијал и стимулација за вложување на сопствените знаења и способности во развојот на државата.

– Младите се дел од целиот тој процес преку групата МОН-млади формираната на иницијатива на министерката Царовска, преку која даваат свој придонес во дефинирањето на новите мерки, активности, проекти и слично, наведува МОН.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.