Во Тетово најавен протест во петок, ќе се бара одговорност и правда за загинатите во ковид-центарот
На социјалните мрежи е најавен протест во Тетово овој петок, на кој ќе се бара „правда и одговорност“ за жртвите на катастрофалниот пожар во модуларниот ковид-центар во Клиничката болница на 8 септември.
Според повиците за протестот, тој ќе започне во 13:30 часот, по петочната молитва во градските џамии, а ќе се одржи на плоштадот „Илирија“.
На протест во петок повика и очевидецот Ибин Емшиу, кој во страотниот пожар ги загуби таткото и братот, а претходно обвини дека во ковид-центарот му бил баран поткуп од медицинскиот персонал за грижа за неговите роднини.
Во објава на Фејсбук, Емшиу напиша дека „нема повеќе од што да се плаши, бидејќи веќе ги изгубил таткото и братот и нема повеќе што да изгуби“ и ги повика „сите Албанци да излезат на 17.09 на плоштадот во Тетово, заедно да побараат правда за жртвите во пожарот и одговорност од виновниците за огромната трагедија“.