По протестот на работничките, Државниот инспекторат за труд со опомени и казни за фирмата „Олив пак“ во Велес ќе следи и прекршочна постапка
Кочанската фирма „Олив пак“,со погон во Башино Село, во која работничките го запреа производствениот процес на 3 јануари, годинава, кога јавно се пожалија од работодавачот за неисплатен К-15, за исплата на пониска од загарантираната плата како и за мобинг, заработи опомена и казни од страна на Државниот трудов инспекторат.
По завршување на инспекциската контрола на 20 јануари, годинава, затоашто работодавачот и одговорното лице не постапиле по инспекцискиот акт , од страна на инспекторатот изречена е инспекциска мерка Наредба со која во рок осум дена од денот на приемот на решението тие требале да им ги доплатат платите на работничките до висина на минимална плата за период од август до декември месец во 2021 година, да ја утврдат висината на основната плата во договорите за вработување согласно закон и да водат уредна и целосна електронска евиденција на полното работно време и на прекувремената работа на работничките.
Од Државниот трудов инспекторат, исто така, фирмата „Олив пак“ е казнета со 300 евра додека одговорното лице со 150 евра во денарска противвредност. Според државниот инспекторат, „Олив пак“ ја платила само казната за одговорното лице, за минимална плата, во износ од 4650 денари додека не и за правното лице. Фирмата ја платила и глобата само за одговорното лице за неправилна и нецелосна евиденција за работното време во износ од 4650 денари, додека сеуште не платила за правното лице.
Државниот трудов инспекторат на новинарските прашања на Дума.мк одговори дека поради нецелосно платената глоба кон „Олив пак“ ќе поведе прекршочна постапка до Прекршочна комисија на Министерството за труд и социјална политика.
Инаку, работничките на „Олив пак“, на 3 јануари годинава го запреа производствениот процес во фирмата додека инспекциските контроли се направени на 4, на 12 и на 20 јануари, годинава.
Убавка Јаневска