Тренчевска: Владата понуди системско решение за постојан раст на платите, кое нема да зависи од моментална власт и штрајкови
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во емисијата „Утрински брифинг“ во врска со штрајкот организиран од СОНК, информираше дека од вкупно 75 јавни установи во 29 нема штрајк, вработените се на своите работни места и згрижувачко-воспитниот процес се одвива непречено. Во останатите градинки штрајкуваат дел од вработените, но градинките функционираат.
Таа посочи дека тоа што втора недела учениците не се во училиштата, а дел од децата не се во градинките, и воедно одбивањето на зголемувањето од 10% на платите на вработените во училиштата и градинките е потврда дека интересите на децата не се земаат предвид, туку се работи за лични интереси на СОНК.
Во врска со исплатата на плати во време на штрајк, министерката истакна дека правото на штрајк е загарантирано со Законот за работни односи и Колективните договори.
„Колективниот договор за детска заштита е јасен и дециден во делот на исплатата на придонесите и платата за време на штрајк. Придонесите ги исплаќа работодавачот, во висина на најниската основица за исплата на придонеси, додека нето плата на вработените во штрајк може да ја исплати организаторот на штрајкот-СОНК. Законот ја дава можноста, а прашањето е дали СОНК ќе им ја исплати платата на вработените,“ рече Тренчевска.
Таа посочи дека во врска со Колективниот договор на образование, согласно член 54, за кои во јавноста се зборува, погрешно се информира јавноста. Според неа членот 54 упатува на тоа дека државата исплаќа плати во услови на штрајк кога причината е прекршување на работничките права. Во овој случај не се работи за прекршување на работнички права , туку барање за унапредување на работнички права.
Таа се осврна и на Законот за минимална плата, според кој колективните договори се усогласуваат за време од шест месеци. Таа појасни дека неможе да стане збор за прекршување на работнички права, бидејќи рокот од шест месеци не е поминат. А според барањето на СОНК, се бара унапредување на работничките права.
„Владата го понуди најдоброто решение во моментов. Зголемување на платите за 10% со ребаланс на Буџетот и отворање на преговори за нов општ Колективен договор, каде што ќе биде вклучена нова методологија која ќе значи постојан раст на платите, а врз основа на општиот колективен договор ќе ги усогласуваме гранските колективни договори. Секоја година усогласување со порастот на трошоците за живот и порастот на просечната плата, што е системско решение за ова прашање,“ потенцираше Тренчевска.