Општина Чашка, помогната од бизнисмените, по втор пат подели 560 новогодишни пакетчиња на учениците
Танцуваа и пееја за снегулките, за Дедо Мраз, за Новата година и за исполнувањето на новогодишните желби денеска учениците од подрачното училиште „Пета Поп Арсов“ во Извор. Тие беа од помалите групи поточно од прво до четврто одделние. За успешно подготвената новогодишна програма како и за убаво украсените училници и ходници на училиштето беа наградени со новогодишни пакетчиња од страна на Градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски.
– Во училиштето учат седумдесет ученици од село Извор и соседните населени места кои исто така заслужуваат внимание од страна на општината во пресрет на новогодишните празници. Оваа година по втор пат одлучивме наместо да печатиме рекламен материјал сите средства за оваа намена планирани во општинскиот буџет да ги пренамениме за купување на новогодишни пакетчиња. За оваа наша активност не помага и бизнис заедницата на која сме и особено благодарни. На овој начин обезбедуваме вкупно 560 новогодишни пакетчиња за учениците од трите централни и петте подрачни училишта во Општина Чашка, рече Стојановски.
Градоначалникот додаде дека децата се иднината на општината која вложува максимални напори да ги подобри квалитетот и условите за работа во образовните иституции./У.Ј