Наставници од седум основни училишта во Вардарски регион имаат можност за кариерно напредување во звање ментор преку објавен повик на МОН
Тоа можат да бидат наставници кои ќе одлучат да се пријават на повторно објавениот повик на Министерството за образование, објавен на веб порталот https://mon.gov.mk . Станува збор за наставници на OОУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, на ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци и на ООУ „Димка Ангелот Габерот“ во кавадаречкото село Ваташа, на ООУ „Даме Груев“ во Градско,на ООУ „Тодор Јанев“ и на ООУ „Лирија“ во село Горно Јаболчиште во Чашка како и на ООУ „Пере Тошев“ во Росоман.
Повикот ќе биде отворен до 20 февруари 2023 година.
Според објавата, на повикот може да се пријави наставник од основно училиште кој ги исполнува условите согласно Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, односно има најмалку 7 години работно искуство како наставник, вработен е на неопределено работно време и ги исполнува професионалните стандарди за наставник – ментор. Повикот ја содржи и листата со општини и училишта на кои се однесува Пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот www.karierenrazvoj.mon.gov.mk, каде во прилог на апликацијата се приложува и соодветна документација како доказ за исполнетост на наведените услови.
Преку објавениот повик ,Министерството за образование и наука, ги повикува сите наставници од наведените јавни основни училишта во повикот, доколку ги исполнуваат условите, да ја поднесат својата пријава во предвидениот рок, за да го остварат законски утврденото право за напредување во звање „ментор”, а со тоа и да си обезбедат повисок личен приход.
Убавка Јаневска