МВР и УЈП предупредуваат: Граѓаните да не наседнуваат на лажни електронски и СМС-пораки испратени во наше име

Министерството за внатрешни работи и Управата за јавни приходи апелираат до граѓаните да не ги отвораат електронските и СМС- пораките што се испраќаат во име на институциите бидејќи станува збор за лажни пораки преку кои се бараат лични податоци од граѓаните, со што може да дојде до злоупотреба.
-Во однос на пристигнати пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на министерот за внатрешни работи, во соработка со полициската канцеларија на Европол, во која во вид на повик за појавување во суд од страна на Сектор за прекршоци, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот, се вели во соопштението од МВР.
Предупредуваат да не се отвораат линковите и датотеките кои се испратени во прилог на електронската порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на компјутерски систем од малициозен софтвер. Додаваат дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот.
Од УЈП информираат дека вчера и денеска непознат испраќач, користејќи го логото на управата, преку СМС-пораки се обидел да наведе граѓани да споделуваат лични и податоци од дебитни и кредитни картички.
Пораките се испраќани од телефонскиот број +389 79 212 628 со следната содржина: „Извршете ја задолжителната пријава на УЈП https://ujp.mk/verifikacija. Овој линк е лажен и не води кон електронска адреса на Управата за јавни приходи, соопшти УЈП и апелира да не се отвораат таквите СМС-пораки и да не се отвора линкот. Доколку некој го отворил линкот пратен во порака, УЈП повикува да не ги пополнува полињата во кои се бараат лични податоци од граѓаните, затоа што може да бидат злоупотребени, апелираат од Управата за јавни приходи.
Додаваат дека се преземаат сите неопходни активности за справување со конкретната ситуација
Дума.мк
