ИН Мемориам: Почина велешанецот Илија Станков Праската, посмртните останки ќе бидат погребани утре
По долго и тешко боледување, на 60 годишна возраст, во неделата на 12 март почина велешанецот Илија Станков Праската. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени во црква „Свети Спас“, утре, четврток,16 март, во 14 часот додека погребувањето ќе се одржи во 14:30 часот.
Во сеќавањата на своите пријатели и другари ,засекогаш Илија Станков Праската, ќе остане запаметен по личната скромност наспроти докажаноста во младинскиот активизам, особено во делот на доброволната младинска работа на Сојузните младински работни акции, ширум територијата на поранешната држава, Југославија. Праската како акцијаш има освоени 5 ударнички значки, признанија што лично ги добиваа тогашните бригадири за неколку пати натфрлени норми на трасите на кои работеа копајќи канали за вода и одвод, на изградба на патна или железничка инфраструктура и слично. Младинските работни бригади во кои учествуваше како бригадир и Станков, во тогашен Титов Велес, се враќаа со највисокото сојузно признание „Вељко Влаховиќ“.
Илија Станков Праската беше и културен амбасадор на родниот град. Како долгогодишен музичар, тапанџија, на Ансамбл „Керамичар“ учествуваше на многу домашни и меѓународни фолклорни фестивали.
Во меморијата на градот овој велешанец ќе остане запаметен и по својата хуманост, поточно 50 кратното дарување на крв.
Наспроти сите лични заслуги, Илија Станков Праската, имаше тежок личен живот. Токму обезбедувањето на материјалната сигурност го примора во последните години од животот да работи во странство. По Германија, Црна Гора последна беше соседна Србија. Таму се разболе од тешка и неизлечлива болест. Штом за тоа дознаа членовите на ЗГ„Акцијаш ветерани“ Велес организираа посета во болницата „Стефан Велики“ во Смедеревска Паланка и упатија огромна благодарност на здраствениот персонал и др Горан Тасич од Одделението за хирургија за повеќе месечното лекување и нега на акцијашот ветеран. При посетата во Смедеревска Паланка штом Илија кажа дека сака да се врати во родниот Велес ЗГ „Акцијаш ветерани“ организираа транспорт со возило на Итна помош за што особено им се благодарни на ЈЗУ Здравствен дом Велес и на здравствената екипа составена од др Васе ПопСтефанова Панова, медицинската сестра Гордана Антониевска и возачот Тони Николов. Голема благодарност и до началничката на Интерно одделение др Весна Николовска Неделкова која го прифати како пациент откако тоа не сакаше да го стори Хирушкото одделение во ЈЗУ Опша болница Велес.
За жал Илија Станков Праската живееше само 48 часа по транспортот во родниот град. Не дочека да биде пациент на др Зоран Караџов од Универзитетската клиника за дигестивна хирургија кој без колебање прифати да го лекува за што од ЗГ„Акцијаш Ветерани“ Велес и нему му упатуваат благодарност.
Акцијашите ветерани благодарност упатуваат и до Амбасадорката на Северна Македонија во Белград Н.Е Михаела Веселинов како и до Конзул на Република Србија во Северна Македонија Михајло Филев.
„Уште еднаш изразуваме длабоко жалење за изгубениот живот на нашиот другар Иле Праската и од него се простуваме со бригадирскиот поздрав З-Д-Р-А-В-О, ЗДРАВО, ЗДРАВО,ЗДРАВО“, соопштија од ЗГ„Акцијаш ветерани“ Велес.
Убавка Јаневска