Градоначалникот Стојановски: „Создаваме заедно отворена, модерна и развиена Општина Чашка“ (ВИДЕО)
Општина Чашка за две години доби 132 милиони денари од Јавното претпријатие за државни патишта за реализација на проекти за асфалтирање на 6,5 км од патниот правец населба Чашка – село Лисиче, потоа од село Бусилци до село Стари Град, регионалниот пат од село Согле до село Богомила, изградба на мост во село Богомила во вредност од 14,5 милиони денари во изведба на фирмата „Жикол“ и 6 км од регионалниот патен правец село Гостиражни – село Богомила во вредност од 50 милиони денари.
– Со оглед на тоа дека се ближи есента а патот Гостиражне – Богомила се наоѓа во планински предел се надевам дека ЈП Македонија пат ќе успее годинава да го асфалтира овој патен правец, рече градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски.
На одбележувањето на дваесет и третата годишнина на општината, 21 август, Стојановски од капиталните инвестиции, го издвои проектот со кои ќе се гради водовод во село Горно Јаболчиште за кои се обезбедени 240 илјади евра од втората фаза на ЕБОР и на Министерството за транспорт и врски како и обезбедените средства за асфалтирање на четири краци од улици во населба Чашка, под улицата „Кочо Рацин“ како и патот кон село Бусилци и патот кон село Војница.
– Ќе го уредиме плоштадот во населба Чашка за што од Бирото за регионален развој добивме 1,5 милиони денари и добивме уште 1,9 милиони денари за набавка на мултифункционално возило за чистење на банкините на локалните и на регионалните патишта. На територијата на општината има 132 км регионални и 125 км локални патишта. По територија Општина Чашка е четврта во државата и има голема патна мрежа, додаде Стојановски.
Градоначалникот најави решавање и на проблемот со водоснабдувањето на населба Чашка, особено изразен во летниот период, откако набави пумпи за водоводите кои се под надлежност на јавното комунално претпријатие кои не можат да се стават во функција поради малото количество на вода.
– Проблемот е најизразен во селата Богомла и Согле, од каде водоводот го превземавме лани во месец ноември, како и во населбата Чашка. Годинава во трите населени места извршивме испитувања и констатиран се локации со количини на вода. Општината, со ребалансот на буџетот планиран за во понеделник на седницата на Советот, кога се очекуваат измени и на јавните набавки ќе можеме да ги започнеме бушењата на локации во овие три и на четврта локација во село Мартолци, кое е евидентирано во претходната програма. Бушењата ќе се реализираат на длабочина од триесет метри со пресек на цефка од фи три, рече Стојановски.
На денешното свечено одбележување на денот на Општина Чашка беше промовирана и спортската сала, во завршна изведба, што е добиена од Министерството за образование. Таа чини 400 илади евра и се наоѓа во дворот на ООУ „Тодор Јанев“. Според Стојановски по комплетното завршување на спортскиот објект ќе се оплемени и пристапот до него со детски забавен парк, зеленило, тревници и други елементи со цел освен учениците салата да ја користат и граѓаните во општината.
Градоначалникот за годинава најави реконструкција на спортската сала во состав на подрачното училиште во село Мелница од општински пари како и изградба на спортска сала во село Горно Јаболчиште преку програмата „Десет спортски сали во рурални средини“ на Министерството за образование за која општината ќе подготви апликација./У.Ј