Д-р Кимова: За промена на перспективата – Вредноста на инвестирањето во себе и континуираното учење

Во денешното глобално интернет општество, изградбата на личната и професионалната иднина зависи од нашата способност да се развиваме континуирано. Секоја иновација, секој нов тренд и технологија нудат можности за учење, но истовремено бараат од нас да бидеме подготвени, флексибилни и посветени на самоусовршување. За жал, во нашата држава се забележува алармантна тенденција: намаленото препознавање на вистинската вредност на квалитетното образование и инвестирањето во себе. Овој проблем не се ограничува само на стекнување на дипломи и сертификати, што е забележливо застапено, туку на континуираниот, длабок и целосен развој. Со тек на време ситуацијата резултира со низок менталитет, ниска култура, недоволна емпатија и неефективна комуникација.
Во ера на интернетот, поголем дел од луѓето се ориентираат кон лесно достапни, непроверени, површни информации, брзостекнати вештини кои се веднаш применливи и брза заработка, секогаш покриени со сјајот на истакнати материјални вредности. Овој површен пристап до знаењето го потиснува развојот на критичката свест и квалитетни интелектуални вредности, додека неефикасната комуникација и недостатокот на емпатија создаваат замав. Кога образованието се гледа како нешто лесно и брзо, наместо како долг и длабок столб на развој, се губат можности за изградба на целовито развиени, свесни, а посебно емоционално интелигентни индивидуи, способни да се соочат со комплексноста на современото општество.
Без разлика дали е формално или неформално, образованието претставува највредна инвестиција во иднината – не е дополнителен трошок на време и финансии, туку стратегиска инвестиција која ја трасира нашата кариера и начин на живеење. Неформалните обуки, особено оние за развој на меки вештини, придонесуваат за подобра свесност, мотивација, емпатија, тимска соработка и, најважно, лична благосостојба.
Во иднина се проектира дека ќе постои синергија само помеѓу вештачката и емоционалната интелигенција, која ќе го трансформира начинот на комуникација и решавање на проблеми во различни сфери на живеењето, што е поткрепено од извештајот “Future of Jobs Report” од Светскиот економски форум (2020), кој ја рангира емоционалната интелигенција меѓу топ 15 најбарани вештини во 2025 година. Затоа, неопходно е да работиме на зголемување на свеста за развој на вештини за емоционална интелигенција, бидејќи обуките за емоционална интелигенција сè почесто се сметаат за стратешки важни во различни професии ширум Европа, влијаејќи врз тимската соработка, лидерството, организациската култура, квалитетот на услугите и, најмногу, на личната благосостојба и внатрешниот мир.
Промената започнува во секој од нас. Инвестирањето во себе е патот кон подобар живот и долгорочен успех. Бидете во тек со Ин асоцијација.
Пишува: проф.д-р Ѓорѓина Ќимова
Професор на Меѓународен Славјански Универзитет „Свети Николе“
Свети Николе , Република Северна Македонија
