Без ГУП и ДУП граѓаните сметаат дека општините не можат да ги решат нивните урбанистички,инфраструктурни и сообраќајни проблеми

Објавено на 21 јануари, 2022 во 10:31
Фото: Архива на Дума.мк

Долг и бесконечен процес на легализација на дивоградби, комплицирано добивање на градежни дозволи, проблеми со сопственост и упис на нов имот во Катастар, бесправно отуѓен имот, неможност за откуп на земјиште под колективен објект за домување, несоодветно димензионирани  улици, неправилно поставени раскрсници, градови без атмосферска канализација од една и од друга страна дотрајани канализациони и водоводни мрежи. Вака одговорија најголем број од испитаниците на тематскиот  повик „Споделете ги вашите урбанистички, инфраструкурни и сообраќајни проблеми“, објавен од истражувачкиот тим на Дума.мк. Во останатите одговори за проблемите од јавен интерес во локалната заедница анкетираните ги посочија и неправилно поставените и испреплетени електрични и кабeлски инсталации  како и недостигот на паркинг места. Граѓаните, исто така, за најчести проблеми ги посочија честите прекини на електричната енергија поради старата и дотрајана мрежа, голем број на диви депонии, нередовното собирање на комуналниот отпад, загадената вода за пиење како и недостатокот на паркинг простор.

Резултати од анкетен прашалник на тематски повик: Споделете ги вашите урбанистички, инфраструктурни, сообраќајни проблеми

Голем дел од испитаниците или  19,4 % се жалат дека со години чекаат да добијат решение за легализација и покрај тоа што во законски предвидениот рок, пред шест години, имаат поднесено комплетна документација но сеуште не го оствариле правото на сопственост. Општините од една страна не им ги легализираат а од друга страна ги оданочуваат и им наплаќаат данок на имот. Велешанец напиша дека вработените во Катастар, по грешка ја впишале неговата нива на друго лице.  Тој сега мора на суд, во граѓанска парница, да ја докажува сопственоста на нивата иако за неа поседува купопродажен договор, при тоа изложувајќи се на финансиски трошоци, не по своја вина.

Ист процент, 19,4 од анкетираните граѓани имаат проблеми со сопственоста на имотот. Не е единствен случајот на  велешанец кој се жали на опасноста што и се заканува на неговата куќа од соседна, којашто се распаѓа  и претставува опасност како за неговото семејство така и за граѓаните што постојано минат покрај неа. Со куќи во распаѓање, што ја задржале познатата велешка архитектура, преплавени се маалата во стариот дел од градот. Нивните наследници не покажуваат интерес за заштита, реновирање или уривање. Велешанецот, во конкретниот случај, заинтересиран за купување бил условен од Општина Велес да ја плати јавната аукција за да стане сопственик на старата куќа па потоа да може да ја урне.  

Резултати од анкетен прашалник на тематски повик: Споделете ги вашите урбанистички, инфраструктурни, сообраќајни проблеми

Голем е бројот на испитаници, поточно 25,4 отсто, кои го потенцираа немањето на атмосферска канализација. За дел од нив, кои што се од Велес, ова е сериозен проблем на градот, географски лоциран меѓу два рида и распослан на двата брега на река Вардар,  кога по секој пороен дожд или невреме  улиците пливаат во вода. Од водата што се слива по улиците на граѓаните им се полнат освен подруми и спратови од куќи, згради и помошни објекти.

25,4 % од анкетираните граѓани исто така сметаат дека насекаде во Велес висат испреплетени електрични и кабелски инсталации кои не само што ги нагрдуваат панорамите во градот туку и пречат на секојдневниот живот.

„Повеќе од половина век населеното место Дорутовец нема водовод“, напиша испитаник. Тој се пожали дека жителите на оваа приградска велешка населба пијат вода од базен за кој велат дека е нефункционален. Според нив до денешен ден  општината која започнала проект за изградба на водоснабдителен систем, финансиран од ЕУ, не го завршила. Така дорутовчани останале без чиста вода за пиење. Проблемот со водоводната мрежа е приоритетен за 35,6 отсто од анкетираните кои се жалат дека и во градската како и во водоводните мрежи во населените места се уште постојат линии со непроменети цевки, стари повеќе децении. 

Резултати од анкетен прашалник на тематски повик: Споделете ги вашите урбанистички, инфраструктурни, сообраќајни проблеми

За 34,5 % од испитаниците нема доволен број на паркинг места, за 21,8 % проблематични се несоодветно димензионираните улици за непречено одвивање на сообраќајот, додека 20 отсто од граѓаните ги издвоија како приоритетно потребни велосипедските патеки. Се ова според граѓаните е причина за сообраќаен хаос особено во тесните споредни улички каде  возилата коишто граѓани ги паркираат пред домовите го парализираат сообраќајот. Таму, не мине ни противпожарно ниту амбулантно возило.

Испитаници од Лозово освен на  старите р’ ѓосани водоводни цевки се жалат дека јавното комунално претпријатие, редовно не ја прочистува водата за пиење и не го собира отпадот од пред домовите иако тие навреме му плаќаат сметки. За нив проблем е и старата електрична инсталација која многу често ги остава без струја и тоа со часови.

Граѓаните знаат каде треба да се жалат но 31,3 отсто од испитаниците тврдат дека не добиле одговор на нивните жалби. Тие не се задоволни и од односот на институциите кон нив затоа што почувствувале дека си ја префрлале топката од едни на други, без да им понудат решение. Така од актуелни, проблемите, станувале децениски а голем број и законски застарени. Тоа е причина за намалувањето на квалитетот на живот, тврдат 7,7 % од анкетираните.

23.5 % од испитаниците очекуваат решенија на нивните проблеми од градоначалниците, по 11,8 отсто од советите на општините и локалните јавни институции меѓу кои најмногу од  комуналните претпријатија.

Резултати од анкетен прашалник на тематски повик: Споделете ги вашите урбанистички, инфраструктурни, сообраќајни проблеми

Испитаниците во анкетата на Дума.мк напишаа дека главна кочница за решавање на проблемите се  старите и нефункционални генерални урбанистички и погрешните детални урбанистички планови кои пак за руралните општини, како планска документација, е прескапа и затоа ги немаат и не можат да ги изработат. А токму овие стратешки урбанистички документи се неопходни за урбанистичкото планирање и за економски развој на општините. Затоа 60,2 % од анкетираните граѓани одговорија дека не се задоволни од планската документација на општините во кои живеат  и сметаат дека општините не се стремат кон среднорочен или долгорочен економски развој.

На анкетата на Дума.мк одговорија 66,7 % граѓани кои што живеат во Општина Велес и 33,3 % кои што живеат во Општина Лозово. Од вкупниот број, 56,3 % се мажи и 43,8 % се жени. Од нив 5,4 отсто се на возраст над 61 година, 35,4 % се на возраст од 46 до 60 години и 29,2 % на возраст од 30 до 45 години.

Истражувачки тим на Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.