Балетско студио „Анабела“ со 20 први места и две специјални награди на фестивал во Будимпешта
Објавено: 10 декември, 2025, во 11:06 часот
Дваесет први места, заедно со седум втори и три трети места, освои Балетското студио „Анабела“ на Dance Fest Budapest, кој се одржа во Будимпешта, Унгарија. Со овој импресивен биланс, велешките танчери уште еднаш го потврдија својот квалитет и ја претставија својата земја и градот во најдобро светло.

Покрај големиот број пласмани, студиото се закити и со две специјални награди. Нивниот кореограф и тренер Дора Пајдакова ја освои наградата BEST DANCER на Dance Fest Budapest, како и ваучер за бесплатно учество на Vienna Dance Fest во февруари во Виена. Ова признание е доказ за нејзината долгогодишна преданост, страста кон танцот и неизмерниот труд кој секојдневно го вложува и на сцената и на часовите.

Дополнително, кореографијата „Annie“ ја доби наградата BEST PERFORMANCE на натпреварот, со што тимот освои ваучер за учество на Rome Dance Fest кој ќе се одржи во Рим во март следната година.
-Сите наши натпреварувачи беа со супер пласман, од најмалите од 6 години до 19 години, и горди сме на сите нив и веруваме дека ќе продолжат да растат и како танчари и како добри личности кои ќе знаат да почитуваат, да помагаат и вредно да работат за да дојдат до посакуваната цел и да научат да го ценат својот успех но и неуспех и дека од двете можат да го извлечат најдоброто од себе. И да и овој пат ќе бидам нескромна и ќе речам овие деца се најголемите амбасадори на Општина Велес, брендот на општината со најмногу награди во текот на целата година, за Дума.мк изјави Цеца Пајдакова основач и кореограф во балетското студио.

Од студиото упатуваат голема благодарност до родителите за нивната несебична поддршка и доверба.
Балетското студио „Анабела“, продолжува да го претставува Велес на најдобрите европски танцови сцени и да внесува нови успеси во своето портфолио.
Стефани Манева


