(фото) „Трагите на традицијата во нас“ – Ансамбл Керамичар прослави 71 година постоење

Објавено на 6 октомври, 2025 во 12:38

Под слоганот „Трагите на традицијата во нас“, во саботата вечер, Ансамбл Керамичар уште еднаш покажа дека љубовта кон македонскиот фолклор не згаснува – таа живее, расте и се пренесува од генерација на генерација. Во амфитеатарот на Младински парк, пред полн капацитет публика, ансамблот го одбележа 71 година постоење со концерт кој претставуваше огниште на традицијата.

Концертната програма започна со настап на најмладите членови – третата група на ансамблот „Керамичар“, кои со насмевки и ентузијазам ги изведоа „Буфчанско оро“ и „Егејско оро“. По нив, сцената им припадна на гостите од Србија кои со кореографијата „Проѓи Миле кроз наш крај“ донесоа дел од нивната традиција на нашите простори. Љубовта кон играта и музиката беше посилна од студот – секое оро доби заслужен аплауз, секој настап беше проследен со восхит и топлина.

Во текот на вечерта, публиката уживаше и во „Сред село“, повторно во изведба на најмладите членоци на ансамблот, а потоа и во енергичната „Пазарџиска копаница“ од гостите од Бугарија. Втората фолклорна група на Керамичар се претстави со „Тропнало оро“ и „Поречки игри“, уште еднаш потсетувајќи нè на богатството на македонскиот фолклор.

Гостите од Србија и Бугарија продолжија да ја пленат публиката со кореографиите „Игри од Студеница“ и „Бера“, а вечерта заврши со изведбата на „Жетварка“ од страна на првата фолклорна група на домаќините.

На крајот од концертот, претседателот на Ансамбл Керамичар, Томе Јаневски, се заблагодари на сите присутни, на играорците, на гостите, како и на сите поддржувачи кои низ годините придонесуваат за развојот и опстојувањето на ансамблот.

Инаку, ансамблот беше домаќин на фолклористите од Србија и Бугарија целиот викенд, покажувајќи дека културната размена не познава граници кога е искрена. По концертот, сите учесници заедно имаа можност да се дружат на заедничка забава која претставуваше спој на култура, пријатества и љубов кон фолклорот.

Одбележувањето на 71 годишнината на ансамбл Керамичар беше уште една потврда дека тој е чувар на традицијата, училиште на вредности и мост меѓу генерациите.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.