Издумани Крлевизми: Жените ми се судбина. Јас и живеам на улица “8 март”!
Објавено на 8 март, 2024 во 09:13
Со триесет издумани „Крлевизми“ денеска афористичарот Атанас Крлевски им го честита 8 Март – меѓународниот ден на жената на сите читателки на Дума.мк како и на сите Велешанки. Прочитајте ги:
- Жената е како апстрактна слика. Колку повеќе ја гледаш – помалку ја разбираш.
- Една жена – цвет, две жени – букет, три жени – цветен пазар!
- Жените се убедени дека на Земјата долетале од Венера со вселенски брод, а мажите – паднале од Марс.
- Жените најмалку зборуваат во февруари. Има најмалку денови.
- Жени, слушајте ги мажите секогаш! Секогаш, додека спијат.
- Не тагувај за љубовта на жената која те напуштила. Ако го нема цветот, го нема и мирисот.
- Жените ќе го спасат светот! Моментално се на фризер.
- Зборувам што жена ми мисли. Значи постојам!
- Во животот на мажите, секој трамвај наречен желба, го управува жена.
- Со жените е како мечка кога се жени: и врне и сонце грее!
- Жена ми ме следи во чекор за да ме фати во расчекор.
- Парите треба да се трошат разумно. Затоа жените пронашле алтернативни решенија.
- Жената заборава што зборувала пред пет минути, но зарем некој може да запамети цел роман?!
- Сакам жени затворени во себе. Можеби се бисерни школки?
- Сите кафемуабети жените ги водат зад затворени врати. Затоа и издаваат званични соопштенија.
- Патот до современата жена е поплочен со кредитни картички.
- Некои жени се неосвоиви тврдини, се додека некои мажи не станат Тројански коњи.
- Ако жената го множи мажот со нула, набрзо ќе го дели со два.
- Жена ми многу ме сака. Најмногу на Балеарите.
- Додека мажите се вртат околу жените, жените го вртат светот.
- Женската убавина е менлива, освен во прво лице – еднина.
- Не ја носете жената в раце! Лесно ќе ви се обеси на вратот.
- Не верувајте им на женските солзи! Можеби се од кромидот на запршката!?
- И вајарот не сака жени со камено срце.
- Сакам жени кои не знаат што сакаат. Мене само такви може да ме сакаат.
- Сите жени се поубави на фотографии. Таму молчат.
- Ако жената е учебник за мажите, сакам да учам од различни учебници.
- Многу жени побрзо го избрале сопругот отколку свадбениот фустан.
- Откако се оженив не верувам во хороскоп. Лав сум, а молчам како риба.
- Жените ми се судбина. Јас и живеам на улица “8 март”!
Дума.мк