Изложба на академската сликарка Јовеска – Сот во Кавадарци
Самостојна изложба на ликовниот уметник Анита Јовеска – Сот од Прилеп, насловена како “Encounter/Повторна средба” ќе биде отворена утре вечер, 20 јуни, во 20 часот во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. Промоцијата се оддржува по иницијатива на Неформалната група уметници “Сокол Арт“ Кавадарци.
Јовеска – Сот е академиски сликар, родена во Прилеп 1986 година, каде завршува основно и средно гимназиско образование.
Дипломира на Националната Академија за Уметност во Софија, Р. Бугарија во 2008 година, на отсек Плакат и Визуелни комуникации.
„Encounter/Повторна средба” е трета самостојна изложба на уметницата. Јовевска има изложувано на многу групни изложби и ликовни колонии низ Македонија и странство, притоа многу нејзини дела се наоѓаат во приватни колекции и галерии во Германија, Холандија и Италија. Анита Јовеска Сот е активен и постојан член на ДЛУП.
Уметницата живее и работи во Прилеп, како професор по ликовна уметност.
“Во своето ново ликовно творештво академскиот уметник Анита Јовеска Сот ликовно ја визуализира надмоќноста на личноста – самосвесна за личниот слободен избор и автентичност во животната непредвидливост и изобилството на можности. Изложбата „Encounter/Повторна средба”, пренесува енергичност која длабоко проникнува од нескротливата природа на ликовите, жедни за живост и динамичност. Нивните погледи продираат длабоко под прагот на свеста, вовлекувајќи ги заинтригираните посетители да нурнат во таинствено море од мистерии минувајќи низ емотивен катарзичен процес,“ информираат од Дом на култура Кавадарци.
Дума.мк