Коки: „И овој Велигден многу политичари-христијани не ќе појдат в црква, не затоа што се атеисти туку затоа што немаат со што да се чукаат.“
Новото неделно афористичко творештво на Никола Бошковски Коки го забележи тоа што е најинтересно за граѓаните кои ќе го слават празникот на работничкиот труд и големиот христијански празник Велигден како и политичарите кои се во кампања за претстојните претседателски и парламентарни избори. „Прочитајте ги шесте афоризми и насмевнете се,“ ви порачува Коки.
„-Посакувам да поверувам дека секој човек во својот живот имал барем еден Рај…со некоја Ева.
-Многу политичари-кандидати за народни избраници, започнаа предизборно да носат темни очила …….за да не им се види што се им извира од очите.
-Љубовта со текот на времето избледува, несреќата е таа што тоа се забележува дури во бракот.
-За празникот на трудот, граѓаните одново ќе се присетат на своите дамнешни корени и масовно ќе се вратат во селата: на своите исконски огништа ќе започнат да ги печат јагнињата и прасињата.
-Тој вложи голем труд и време додека успеа да ја изведе на прав пат, а потем…ги спушти седиштата.
-И овој Велигден, многу политичари-христијани не ќе појдат в црква, не затоа што се атеисти туку затоа што немаат со што да се чукаат.“
КОКИ