Велес доби нова колекција на уметнички дела!
Академски сликари, скулптори и копаничари, на Велес, му подарија колекција од вкупно 45 дела претежно уметнички слики, скулптури и копаници.
Тие се создадени летово на осмата сликарско копаничарска колонија „Папрадишки мајстори“. Општина Велес колекцијата со уметнички дела ја доби на денот на градот, 9 ноември. Сите изработени дела беа поставени на традиционална изложба во Ликовниот салон.
„Сликарско копаничарската колонија Папрадишки мајстори е гордост на Велес, потврда дека градот е културна ризница, место за креативни изразувања чии вредности растат и се надградуваат. Од мое име, од име на Советот на општината и граѓаните на Велес како трајни сопственици насоздадените дела, им благодарам на уметниците,“ рече градоначалникот Горан Петров.
Академските сликари и скулпторите годинава на делата насликани во сликарски техники масло на платно, акрил и колаж како и на скулптурите од дрво и камен пренесоа бројни мотиви кои ги црпеа од Велес. Творештвото, летово на десетдневната колонија, го содадоа во преубавите и автентични куќи изградени во велешки староградски стил како што се куќата на Касапови и на Јордан Хаџи Константинов Џинот.
„Велес бил и ќе остане град на културата. Оваа изложба и организирањето како и одржувањето на сликарско копаничарската колонија посветена на надалеку познатите и признати Папрадишки градители и зоографи има за цел да потврди дека не само во дамнина туку и сега и во иднина нашиот град го носел и ќе го носи пиететот културен,“ рече академскиот скулптор Ангел Коруновски.
На изложбата со својот раскош и убавина пленат десетте копаници кои ги изработија познати и признати мајстори. На делата преовладуваат мотиви од македонската традиционална резба како поткопаната, длабоко поткопана и скрозирана.
„Јас сум многу среќен што освен копаничарите кои традиционално учествуваат на нашата колонија се најавуваат млади мајстори кои што се вљубени во занаетот и сакаат да се мачат и да се потат,“ рече копаничарот Љубомир Бисинов.
По завршувањето на изложбата општината сите дела ќе ги смести во депото во спомен куќата на Касапови.
