Вредно оружје од минатото поставено на увид на кавадарчани
Колекцијата на оружје кое датира од 18 до 20 век, а го користеле нашите предци во минатите војни предизвика голем интерес кај кавадарчани. Голем е бројот на вредни предмети, оружје и воена опрема што се изложени во кавадаречкиот музеј, а се собирани во изминатите 38 години.
Станува збор за збирка од стотина предмети: пушки, и тоа со кремички механизам, капислари, карабини и сачмарки, автомати, пиштоли и револвери, сабји јатагани, ножеви, дурбини, бајонети и букагии. Ова оружје се употребувало во времето на ајдутското движење во Тиквешијата, во илинденскиот и поилинденскиот период, за време на ТИквешкото востание во 1913 година, како и во времето на Народноослободителната борба и револуција 1941-1945 година
„Меѓу значајните примероци со кои располага Музеј галеријата посебно внимание и од особено значење за историјата на овој крај има пушката од системот „Винчестер“ од 1874 година, која според преданието, таткото на современа Турција Мустафа Кемал Ататурк во знал на благодарност му ја подарил на Атанаско Ајзовски од с. Дабниште, поради тоа што тој му го спасил животот во 1908 година, чувајќи го како илегалец во својата куќа. Изложен е и еден револвер од системот „Гасер“ со кој според Ванчо Плетварски, бил сопственост на Крсто Ристов Кимов и со него бил убиен тиквешкиот војвода и револуционер Добри Даскалов на 10 јуни 1912 година. Меѓу значајните примероци е и јатаганот на Тасе Мурџев, тиквешкиот револуционер од времето на илинденскиот и поилинденскиот период и учесник во Тиквешкото востание во 1913 година“ објаснува директорот на Музеј-галерија Кавадарци,Петре Камчевски, кој воедно е и еден од авторите на изложбата.
Тој нагласува дека вредната збирка е збогатена и со пушка со кремичен механизам „Каранфилка“ од почетокот на 19 век, како и еден пиштол “кременар“, шпицест изработен од дебарските работилници за оружје, како и неколку карабини и револвери кои се употребувале во времето на национал ослободителни борби во Македонија./A.Д