„Крлук“ трета книга на афористичарот Атанас Крлевски (ФОТО)
Користејки го зборот крлук, името на овчарскиот стап чиј свиен преден дел му помага на овчарот да ги врати овците во стадото и на тој начин ги предупреди да не одат во туѓа ливада, Крлевски симболично преку афоризмите во книгата сака да ги врати назад на вистинскиот пат луѓето кои застраниле.
Афоризмот е онаа аполиптична мисла која што иако во кондензирана форма задира длабоко во човековата потсвест. Крлевски е мајстор на афоризмот и тоа го прави маестрално и во најновата книга со наслов „Крлук“ во која преку длабоко обмислени искази задира во посвеста на човекот. На синоќешната промоција во Ликовниот салон професорката по македонски јазик и литература , Ана Витанова Рингачева рече дека големината на афористичарот е преку афоризмите да испрати порака која ќе ја слушне и разбере секој од обични луѓе до јавни личности чии постапки, јавно кажан или премолчан збор, покажале дека тргнале по погрешен пат или упаднале во заблуда.
„ Она што воодушевува во афоризмите на Крлевски е тоа што овие мисли не се само обични мисли, мисли со антолошко значење туку тоа се мисли кои се трансформираат во еден сеопшт и сеприфатен поглед на светот. Тоа се мисли кои ќе ве замислат и ќе ве насмеат, ќе ве натераат да ги прочитате и длабоко ќе ве допрат за да промените нешто во своето однесување. Такво значење треба да имаат и за политичарите, можеби најдопрените личности од афористичарите, бидејки политиката е наше секојдневие, неизбежна е, а афористичарот тоа го прави на најдобар можен начин кога со одбрани зборови знае да го боцне политичарот и да го замисли зошто неговите постапки не се добри,“ рече м-р Витанова Рингачева.
Атанас Крлевски во книгата „Крлук“ објавува 400 афоризми поделени во три циклуси на темите човек, политички и сатирични и жена. Авторот вели дека тоа се афоризми кои ги создал низ годините наназад и кои досега од разно разни причини не ги објавил како и афоризми кои ги напишал послената година. Крлевски вели дека тој се шегува со сите кои сами влегле во шеговите ситуации.
„ Еве да речам дека се шегувам со политичарите во циклусот политички и сатирични афоризми, со обичните луѓе пак во двата останти циклуси на книгата. Жените како личности се доста шегобијни. Пишувам веќе четириесет години, не сум дневен сатиричар и ќе речам дека творам поттикнат од она што мене лично ми оставило некаков впечаток. Не е воопшто лесно денеска да се издаде книга со афоризми. Спонзорите ги нема во културата. Во државата нема ниту сатирично списание,“ рече Крлевски.
Тој смогна сили и сам ја финансираше третата книга со афоризми „Крлук“. Отпечатена е во 200 примероци во „Македоника литера“. Велешани можат да ја купат во книжарата „Аско Ас“.