Јосифов со делата “Огнена рефлексија“ пред публиката во Скопје
Кавадаречкиот ументик Игор Јосифов кој веќе 10 години живее и работи во Сан Франциско синоќа своите дела “Огнена рефлекција“ ги претстави пред скопската публика во просторот на „Станица 26“. Се работи за дела изработени од изгорена хартија, техника која единствено ја работи овој уметник уште од 2007 година, а ја нарекува „Рефлексија на огнот.
Синоќа пред скопската публика беа изложени портретите на Јоко Оно, Дејвид Боуви и уште многу анонимни портрети од неговите сеќавања кои предизвикаа голем интерес кај присутната публика. Интересно е да се спомне дека најпознато дело на Јосифов изработено во оваа техника е портретот на Нелсон Мендела кое беше изложено и на изложбата во Париз.
Присутните на отворањето на изложбата беа воодушевени од перформансот што пред нив го изведе овој уметник. Им го претстави процесот на создавање на дело во оваа техника со големина од два метри.
На специјална хартија од седум метри, Јосифов го има создадено своето најголемо дело, во кое се наоѓаат испреплетени многу ликови на кои тој се сеќава, а го нарекува „Река од сеќавања“.
„Како поминуваат годините се повеќе ја сакам Македонија без разлика дали некои работи во неа се добри или не. Меѓутоа ако останев да живеам во Македонија, а да не патував, немаше да ги правам делата што сега ги правам. На некој начин за да се видиш себеси треба да се одалечиш, како кога сликаш акт се одалечуваш за да ја видиш целата форма.За сите ови години надвор од дома научив да уживам во животот и да бидам таму каде што сум“ рече Јосифов и нагласи дека секогаш се труди да биде искрен со самиот себе и со уметноста. За него и понатаму Кавадарци останува прв дом, а Сан Франциско втор./А.Д