Креативна велешанка бара издавач за своето творештво
Пишува поезија, есеи и мотивациони кратки приказни, слични како оние на Ог Мандино, Робин Шарма, Луис Хеј, Зиг Зиглар затоа што почувствува дека во нашето општество е опаднат моралот и луѓето немаат надеж. И тоа нема воопшто да е чудно ако велешанката Мими Георгиева е филолог или филозоф, но, не е така бидејќи таа е дипломиран информатичар. Таа е автор на две подготвени за печат книги, првата стихозбирка „Компас за љубов“ и втората, со мотивирачки кратки приказни кои сеуште не се објавени. Георгиева бара издавач.
Срцето е компас за љубов, сите не води и крие мудрости и вистини кои понекогаш разумот не може да ги разбере и свати. Во шеесетте избрани, од над двесте напишани песни, авторката преку зборот говори за исконската човечка потреба за романтична љубов, но и за животот, за општеството во кое живееме, за чувствата, за победите и поразите.
„Понекогаш тагата поубаво звучи кога е напишана на хартија. Песните го преживеаја мојот мислам висококритичен критериум за вредност и квалитет. Втората книга содржи педесеттина мотивациони кратки приказни за кои мотивација црпев од фејзбук страната „Daily Motivation“ , ги напишав и објавив на англиски јазик. Дел од нив беа поттикнати од моите скајп предавања во Њујорк кај почитуваниот пријател Џорџ Бенет. Така се роди идејата да ги преведам и на македонски јазик. Тие сега се преведени и еве ги во оваа книга што ја држам во раце, “ рече Георгиева. Сега на двете книги им треба внимание на издавачка куќа бидејќи авторката е невработена и не може сама да го финансира печатењето.
Книгите ја содржат пораката да се врати надежта кај младите луѓе и тие да се поттикнат сами да си помогнат преку тоа што околу себе ќе почнат да ја шират позитивната енергија.
„За да почувствуваме љубов кон другите мора прво да научиме да се сакаме и да се почитуваме себеси. Потоа треба да зачекориме кон светот, да го отвориме срцето и да ги прифатиме луѓето, да шириме добрина меѓу себе. Ова треба да почне од нас бидејќи сите сакаме да го промениме светот а ретко кој размислува да се промени себе си. Треба да почнеме со себе да разговараме и тоа не мора да биде гласно. За таков разговор доволно е само да ја поттикнеме мислата во нас и да се запрашаме што јас можам да направам подобро од тоа што досега сум го сторил. Не е потребна радикална промена, некаково претопување во кое ќе ја загубиме суштината на нашето битие, туку да ги воочиме, откриеме личните маани за да станеме подобри личности за семејството, за пријателите, за околината. Позитивната енергија се шири, таа е како пирамида која почнува од еден човек продолжува преку неколкумина, се упатува кон поголема група, рече Георгиева.
Таа својата поезија, проза и мотивирачки текстови им ги посвети на луѓето кои се фокусираа на она што го немаат и кои заборавија на она што го имаат.
„Светот не може да се промени одеднаш но од некаде треба да се почне. Можеби нема да го промениме целиот свет но можеме тоа да го сториме со општеството во кое живееме и во кое живеат луѓе што ни значат, ни даваат поддршка. Да им посветиме внимание во ова многу брзо време во кое живееме, да најдеме време за емоции, за разговор а тоа да не е фејсбук разговор, преку скајп или мобилен телефон. Понекогаш многу значи да ги гледаме во очи, да им подадеме рака и да им покажеме дека сме тука за нив. Вистински пријатели се оние со кои можеме да молчиме и многу да кажеме ако пренесуваме позитивна енергија, ако им го смениме начинот на размислување, на битисување“ рече Георгиева.
Портрет
дел од кратка прозна приказна на Мими Георгиева
„Алберт Ками напишал благословени се срцата кои се попустливи, тие никогаш нема да бидат скршени. Па се прашувам ако нема скршени срца, тогаш нема ниту исцелување, а ако нема исцелување нема ниту учење, кога нема учење нема ниту борба. Но борбата е дел од животот и сечие срце барем еднаш мора да биде скршено. Тоа е тркалото на животот, она што не прави посилини, ни подарува искуство, верба и копнеж по новото утре.
Можеби ова ќе звучи малку чудно, но понекогаш треба да ги обоиме туѓите сеќавања кои живеат во нас со нова боја. Работата е во тоа што никогаш нема да бидеш поискрен, твоите убедувања нема да бидат посилни и твоите мотиви нема да бидат почисти од она што се токму во овој момент. Тоа значи дека треба да тргнеш во потрага по она што те возбудува. Биди самоуверен и не се плаши да ризикуваш. Стави боја преку моите зборови за да почнеш да пишуваш свои сопствени. Сигурна сум дека мојата приказна можеби те инспирирала, но твоите зборови, приказната која ти ќе ја напишеш ќе биде инспирација за некој кој допрва ќе се досели во овој магичен свет, во оваа игра на зборови да го пронајде своето место под синилото на небеската капа. Мораш да сфатиш дека не ти треба моето искуство, ниту мојата приказна, ниту моите излитени зборови, не ти треба некој друг за да ја најдеш смислата на твојот живот. Можеш да почнеш да пишуваш одново, да направиш сопствена судбина. Години подоцна, кога на ова место каде сега си ти ќе дојде друга личност и ќе ги прочита твоите мисли, твоите искуства ќе ги сочува во длабочините на својата меморија доволно долго за да те потсети колку возбудлив и инспирирачки е твојот живот. Тогаш ти ќе можеш да му кажеш дека е повторно време за промени, повторно е време за нов слој на боја во животот затоа што тогаш ќе сфатиш зборовите кој си ги напишал, пријателите кои си ги имал, еуфоричноста што си ја чувствувал засекогаш ќе биде сокриена под слоевите на тој обоен ѕид. Скриена таму, да сведочи за твојот живот, безбедна од замката на заборавот. Искра на нешто што не може да избледи, нешто што не можеш да го порекнеш. Семе на надеж, вистна за добро или лошо горејќи бестрашно под површината.“