Изложба на Влaдимир Темков
„Житни полиња-трски и топки“ е насловена изложбата што синоќа беше отворена во домот на културата во Кавадарци на ликовниот уметник Владимир Темков. Тој синоќа на својот 56 –ти роденден ги почести кавадарчани со нови дела од неговото богато и уникатно творештво.
Градската галерија при домот на културата беше преполна. Темков им се заблагодари на сите подржувачи и љубители на неговото творештво. Тој нагласи дека и понатаму ќе продолжи да твори затоа што само кога е пред штафелајот се чуствува сигурен, семоќен и непобедлив.
Отворањето на изложбата беше згогатена и со музичко-театарски перформанс. Настапија Пикси и Перо, глумците од кавадаречкиот театар изведоа мал дел од претставата „Сомнително лице“, Душко Стефанов во улогата на модератор зборуваше за ликот и делото на Темков, но и му посвети песна на авторот на изложбата, додека од стручен аспект кон најновиот серијал на Темков зборуваше ликовниот уметник и професор, Горан Боев.
Помеѓу бројните уметници, професори и критичари свој осврт кон изложбата „Житни полиња – Трски и топки“ даде и професорот Тодор Богев, кој потенцира дека во најновите уметнички слики на Темков кои тематски му припаѓаат на експресионизмот преовладува една многу светла и складна динамично изразена експресија со колорит на бои кој што е контрастен, разигран, но по потреба и складен, смирувачки и исполнителен.
Во текот на цела недела кавадарчани ќе можат да ги погледнат делата на Темков кои се дел од новата изложба. Неговиот творечки опус е доста богат. Има над 40 самостојни изложби, учествувал на триестина групни изложби и на повеќе од триесет колонии како и студиски претстој во Париз./А.Д