Се зголеми интересот кај граѓаните за посета на Народниот музеј
Нумизматичката збирка буди најголем интерес кај посетителите на Народниот музеј во Велес. За неа не се намали интересот ниту по една година од поставувањето. Подеднакво сакаат да ја видат домашните и странски посетители штом одлучат дел од своето слободно време да го поминат разгедувајќи ги четирите одделенија во музејската зграда. Според книгата на впечатоци што стои веднаш на влезот и водичот Димитар Гаврилов лани музејот го посетиле 2,5 илјади луѓе или во двете последни години околу шест илјади посетители.
Нумизматичката поставка, која ќе ве пречека веднаш штом влезете во зградата, содржи околу илјада монети, кои потекнуваат од античкиот се до средновековниот период. Археолозите ги пронашле на локалитетите во велешкиот регион и Повардарјето од педесеттите години на минатиот век до денес. Сите изложени монети се сопственост на музејот.Некои претходно биле изложувани но прв пат се изложуваат дел од нив.
Затоа археологот и виш кустос, Анита Василкова Мидова, поттикната од покажаниот интерес за збирката вели дека неа ќе и посветат посебна публикација што се очекува да биде готова до крајот на годината.
Според водичот Димитар Гаврилов, во последните години, особено е важно што интерес за посета на Музејот покажуваат млади луѓе, кои прв пат влегле при организирана ученичка посета.
„Тие втор пат влегуваат во придружба на своите родители, баби и дедовци. Не може да се направи некој генерален пресек на најголем покажан интерес од страна на странските туристи. Ги интересира се што е поставено. Доколку немаат преведувач тогаш нашите кустоси се тие кои ги придружуваат и ги информираат за се што ги интересира,“ вели Гаврилов.
Двајца Французи денеска го посетија Народниот музеј во Велес./У.Ј