Издумани Крлевизми: „Пожар од две вжештени глави, тешко се гаси“

Објавено на 26 јули, 2024 во 15:30

Велешкиот афористичар Атанас Крлевски овој петок издвои 15 нови издумани Крлевизми кои се на различна тема и во кои може да се пронајде но и да се насмевне секој читател. Уживајте!

  1. Пожар од две вжештени глави, тешко се гаси.
  2. Во нашиот брак нема говор на омраза. Ние се мразиме молчејќи!
  3. Сѐ што прави му е блуткаво, а соли памет секому!
  4. Знаење е и да знаеш што да прашаш.
  5. Денес љубовта се докажува со материјални докази.
  6. Поради високиот коефициент на интелигенција не се сфаќам себеси.
  7. Срцето царуваше, ама умот излезе дворска будала.
  8. И вербалниот деликт може да заврши со нокаут.
  9. Синџирот е за куче што каса, а не за тоа што лае.
  10. И на копно сум вешт пливач… во матни води.
  11. Секоја вода не се врти на својата воденица. Може да ви ја однесе!
  12. И диригентското стапче има два краја.
  13. Си верувам себеси. Тука најмногу се лажам.
  14. „Кралицата е гола“ е откритие за кралот, а не за дворот.
  15. И кај нас нешто оди по нагорна линија. Цените!
Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.