Издумани Крлевизми за суетата: „Најбрзо се бендисуваат самобендисаните“
Велешанецот Атанас Крлевски овој петок со 20 издумани крлевизми на тема суета за читателите на Дума.мк.
-Читајте Издумани Крлевизми и пресметувајте се со суетата! Не е лесно, ама се исплатува. Животот ќе ви биде поубав, низ смеа вели Крлевски.
Уживајте!
1.Не сум самобендисан. Имам само високо мислење за себе.
2.После секоја претстава за себе, громогласно си аплаудирам.
3.Полн е со себе. Празен е!
4.Да се спријателуваш со самобендисаните е исто како да го осветлуваш
сонцето со ламба.
5.Ме сметаат за препотентен. Имам свое јас.
6.Ако никој не ти се допаѓа, значи дека и на малкумина им се допаѓаш.
7.Најбрзо се бендисуваат самобендисаните.
8.Наместо во огледало се гледам во очите на другите. За сликата да биде верна
на оригиналот.
9.Не го употребувам зборот горделивец. За напернатите тој е милозвучен збор.
10.Главата горе, но внимателно! Тлото е под нозете.
11.Добро е да си позер. Секогаш си насмеан.
12.Кој самиот се прикажува голем, изгледа уште помал.
13.Лажните профили немаат анфас.
14.Болните суети ги лечат само доктори по службена должност.
15.Егоистот сам си свири – сам си игра.
16.Сигурно е самобендисан тој, кој во животот никогаш не се пошегувал на свој
рачун.
17.Моето занимање скапо ме чини. Се занимавам со самиот себе.
18.Самобендисаните не се сакаат само себеси. Го сакаат и вториот во себе.
19.Магарето го повикаа во кавалеријата. Носеше вода, а мислеше дека е коњ.
И егоистот е хуманист!
20.Вредел за тројца, ама тие тројца не вредат ни колку за еден.
Афористичар Атанас Крлевски
Дума.мк