Македонската стрип иднина на фестивал во Полска
Ангела Петрушевска, Методија Стојановски, Матеа Аризановска, Славица Купенкова, Ѓоре Ѓелев како и Војдан Андонов и Цанко Стефанов од групата „Парагонс“, од денеска до недела, ќе учествуваат на 13 Стрип фестивал во Краков, Република Полска.
Томе Трајковски од Македонски стрип центар од Велес соопшти дека оваа изложба и каталог се продукт на соработката којашто започнала во август претходната година и гостувањето на стрип уметници од земјите на Вишеград групата на стрип колонијата во Велес.
-Стрип фестивалот во Краков е најголемиот годишен состанок на љубителите на стрипови, илустрации, анимации и други форми на визуелно раскажување приказни во јужна Полска. Програмата на секое издание вклучува атракции за сите возрасни групи: средби со автори, панели за дискусија, предавања, работилници, косплеј шоуа и изложби. Јадрото на програмата на 13-тиот фестивал на стрипови во Краков се состои од средби со уметници од Полска, Чешка, Франција, Германија, Велика Британија и Аргентина. Ќе има индивидуални и групни изложби со уметници од целиот свет. Фестивалот ќе биде проследен и со стрип прошетки низ Краков, додаде Трајков.
Тој додава дека иднината на македонскиот стрип не завршува со споменатите автори ,таа категорија била многу побројна. Затоа Стрип центарот од Велес континуирано организира едукативни активности и меѓународни промоции, што нема да изостане и во 2024.
Фестивалот е во организација на Здружението на стрипови во Краков, Фондацијата музеј на стрипови и Канцеларијата на фестивалот во Краков – оператор на програмата Град на литературата на УНЕСКО во Краков и палатата Потоцки.
Стефани Манева