НУ Археолошкиот локалитет „Стоби“ годинава од Министерство за култура доби 4,4 милиони денари или за 33 % помалку од бараните средства

Од вкупно поднесените 11 проекти со вкупен износ од 66 милиони 862 илјади и 400 денари, Министерството за култура, на Археолошкиот локалитет „Стоби“ му прифати шест проекти во делот на заштита на недвижно културно наследство за што издвои 4 милиони и 400 илјади денари.
Најобемниот проект, со побарана највисока сума на финансиски средства од 46 милиони денари, се однесува на Конзервација, реставрација и реконструкција како и археолошки доистражувања на објект „Римски театар“. Годинава за него министерството издвои 1 милиони денари. Станува збор за театарот во локалитетот, за кој досега, ниту еднаш не е прифатено целосното барање на оваа национална установа туку Министерството за култура годишно издвојува финансиски средства во фази затоа што со проектот се бара целосна реконструкција и обезбедување на нови мермерни седишта.
Според објавената Програмата од Национален интерес за 2023 година годинава со државни средства, во најпознатиот македонски археолошки локалитет, ќе се реализираат следниве проекти: Основниот проект за конзервација на архитектонските остатоци од Резиденцијален и комерцијален кварт од рановизантиско „Стоби“ со 700.000.00 денари, Конзервација – реставрација и археолошки доистражувања на сегмент од јужниот градски бедем и јужната порта во „Стоби“ (етапа 1 и етапа 3) за што министерството издвои 1.000.000.00 денари, Археолошко доистражување и изработка на Основен проект за конзерваторско реаставраторски работи на плоштадот пред јужната порта во Стоби со 100.000.00 денари додека за Конзервација, реставрација и реконструкција како и археолошки доистражувања на објект „Римски театар“ и за Тековно одржување и партерно уредување на археолошкиот локалитет „Стоби“ со по 1.000.000.00 денари. Последниот, шести проект, се однесува на Археолошки доистражувања и конзервација на архитектонски делови на „Епископска базилика“ за што „Стоби“ доби 600.000,00 денари.
Министерството на „Стоби“ му прифати два од вкупно поднесени три проекти во Програмата за музејска дејност со вкупна вредност од 185 илјади денари. Проектите се за „Изрботка на Основен проект за конзервација и реставрација на движно културно наследсво од збирката на НУ Стоби“ и за „Основен проект за конзервација на метални предмети од збирка на НУ Стоби“.
Овој Археолошки локалитет во 2023 година ќе работи и по еден проект во Меѓународна дејност и за Инвестиции за кои што министерството обезбедува вкупно 280 илјади денари. Тоа значи дека вкупната побарана сума на средства е намалена за 33 %.
Убавка Јаневска
