Одбележани 20 години од смртта на првата македонска оперска певица, велешанката Данка Фирфова
Велешанката, Данка Фирфова, е првата школувана македонска оперска певица, основоположник на Македонскиот Народен Театар и учесник во првата оперска претстава на македонски јазик „Кавалерија рустикана“. Таа е оперска певица којашто цели 17 пати е враќана на бис на сцена од страна на публиката со громогласен аплауз.
Во нејзина чест, денеска, на 21 јуни, точно на 20 годишнината од нејзината смрт, во Ликовен салон во Велес се одржа културен настан на којшто спомени раскажуваше нејзината колешка, македонската оперска дива, проф. Милка Ефтимова.
– Среќна сум бидејќи првата улога „Трубадур“ во далечната 1961 година ја пеев заедно со Данка. Она беше една прекрасна душа со прекрасен глас. Она ми даде една сила, поттик, за понатаму да продолжам и како нејзе да успеам во мојата кариера. Во секој поглед сум пресреќна што ја познавам Данка. Кога прв пат во мојот живот настапував имав премногу трема , Данка имаше многупати пред мене настапувано и ми рече: се ќе биде во ред, немој да се грижиш, само напред! Знаете, овие зборови ден денеска многу ми значат. Таа беше личност која ги поддржуваше сите. Јас ја имам во душата и во срцето, таа ми беше како сестра. Јас за се разговарав со нејзе и кажував каде добивав понуди а таа ме бодреше да одам напред и да се борам. Беше многу борбена. Многу сум среќна што остави голем печат во мојот живот, додаде Ефтимова.
За животот на Данка говереше и д-р Мирјана Павловска Шулајковска којашто е авторот на монографијата изработена во нејзина чест насловена како „Живот посветен на музиката“. Таа пред присутните велешани изрази големо задоволство што овој настан се огранизира и додаде дека истиот претставува искра и надеж на почитта кон нашите претходници кои оставиле голем печат во нашата музичка историја.
-Данка Фирфова е велешанка, уметник којшто оставил длабоки траги во областа на македонската музичка историја. Во моментот кога човекот и уметникот работат, не се свесени за трагите кои ги оставаат. Но кога ние говориме од некоја дистанца, за Данка Фирфова говориме како еден од најмаркантните уметници на музичката уметност, како првата школувана оперска певица во Македонија, како еден од основоположниците на македонскиот НароденТеатар, како учесник во првата оперска претстава. Данка за време на школувањето, на една приредба одреден чиновник ќе го забележи нејзиниот талент и потоа ќе ја упати на школување во Белград. Оттука започнува професионалниот пат на Данка и со заокружување на образованието таа станува прва школувана македонска оперска певица. Таа работи во Земун, потоа се враќа во Македонија и продолжува да работи како професорка во велешката гимназија а потоа и скопската. Но во периодот на 1947 година, кога веќе се поставува првата македонска оперска претстава на македонски јазик „Кавалерија рустикана“ Данка ќе биде учесник во истата и во текот на 1948 година, ќе биде дел од темелувачите и основоположниците во издигнување на првиот Македонскиот Народен Театар, додаде Павловска Шулајковска.
Овој прекрасен настан беше заокружен со музички колаж во изведба на дипл. проф. Габриела Бочманова и Магдалена Тодоровска – сопран.
Исто така, присутните имаа можност да ја разгледаат и изложбата со фотографии од животот на Фирфова.
Настанот беше во организација на Општина Велес.
Стефани Манева