ООУ„Блаже Конески“ доби донација во книги од Фондација „Левенски“ (ФОТО)
Примероци од книгата „Како да станам свој“ напишана од д-р Михаил Левенски, психијатар, писател, поет, раскажувач и драматург, овој пат од областа Психопедагогија што најдобро може да им помогне на младите во периодот на нивно себеспознавање и проширување поточно отворање на патот кон себереализација, денеска, доби ООУ „Блаже Конески“ во Велес. Тие се донација на Фондација „Михаил Левенски“ во чест на 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески.
– Тоа се книги за возраст на ученици и ученички кои се полуматуранти во училиштата кои што го носат името на Блаже Конески. Ова основно училиште во Велес, брои најмногу полуматуранти во цела Македонија, и тука сме со голема радост. Донесовме книги со наслов „Како да станам свој“ за училишниот библиотечен фонд, за полуматурантите со цел да ги читаат учениците и сите кои што ќе посакаат да се осознаат и да добијат совети како да станат свои, рече Камелија Левенски еден од основачите на семејната фондација „Левенски“.
Д-р Михаил Левенски беше автор и на голем број на литературни дела, радио и телевизиски драми и сценарија на филмови. Тој е докажан хуманист, поборник за правда и човеково достоинство. Фондацијата што го носи неговото име е основана во 2012 година со цел да продолжи да дејствува на полето на човекољубие и природољубие под мотото: „ Инспирирај, мотивирај, создавај“.
Убавка Јаневска