По повод 65 години од раѓањето на Ристо Соколов Сокол, организирани два големи настани во Кавадарци
По повод 65 години од раѓањето на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници – Ристо Соколов Сокол (1957 – 2015), ќе бидат организирани два големи настани. Во ликовните салони на Музеј Галерија, во вторник, 19 април ќе се одржи првиот, ретроспективна изложба, своевиден омаж на неговата уметност и живот. Со поддршка на неговото семејство, пријатели и соработници и една институција во неговиот роден град Музеј Галерија Кавадарци. Кавадаречката Музеј Галерија била многу важна за Ристо Соколов Сокол, таму се оддржувале неколку изложби со дела од повеќе негови уметнички циклуси, сите изложби биле во декември и на ден петок, особено што и неговата воопшто последна изложба насловена како “Ретро Арт – Нови моменти“. Изложбата ќе биде отворена во 19:00 часот.
Бидејќи, Ристо Соколов Сокол бил и еден од основачите на Здружението за алтернативна култура “Алтер центар“ Кавадарци, тие ќе ја реализира и Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“, која годинава по осми пат ќе се оддржи некаде кон крајот на месец мај 2022. Манифестацијата во секое нејзино издание се оддржувала на различни простори во Кавадарци и од минатата година започнала да се оддржува и во други градови како Демир Капија.
Инаку, Ристо бил роден на 16 април, на ден Велигден, а заминал на 14 февруари на ден Свети Трифун. Зад себе оставил импозантно ликовно творештво, бил графичар и графички дизајнер по образование, а насекаде важел и како исклучителен креатор на извонредни ликовни перформанси, мултимедијални настани, автор на бројни театарски сценографии, сценограф на многу музички концерти и фестивали и др. Едноставно, ликовната уметност за него немала тајни, напротив, бил и голем ликовен иноватор што се покажало со неговата врвна ликовна изложба “Некогаш и денес“ на која се претставил со циклус дела работени со природни материјали.
Тој соработувал со најдобрите уметници од сите дејности – театар, фотографија, музика, литература, стрип и дурго. Бил извонреден ентериест, голем број на локали низ Кавадарци, Македонија, Бугарија, Србија, сеуште го носат неговиот уметнички печат. Излагал низ многу земји, уметнички делувал низ половина свет (Њујорк, Париз, Белград, Загреб, Јадранското приморје, Берлин и секако речиси во секој град во Македонија).
Неговото тестаментарно креативно дело било секако Уметничкото студио “Сокол Арт“ Кавадарци. Неговото отворено ателје и место на слобода за изразување, дружба и соработка на сите уметности и уметници. Освен изложби на негови дела, во “Сокол Арт“ се одржувале неколку изложби, групни и поединечни на кавадаречки и македонски уметници, во “Сокол Арт“ имало промоции на книги, концерти на поединци и бендови од различни музички жанрови, било тоа студио во кое единствена тема била уметноста, своевидна слободна уметничка територија. Како уметничко студио “Сокол Арт“ згаснало со неговото заминување, но неговите долгогодишни соработници, сопатници низ животот, пријатели и соборци денес се збрани под името “Сокол Арт“ како неформална уметничка група, секако во чест на Ристо Соколов Сокол.