Премиера на преставата „Драма изгубена во времето“ во режија на Деан Дамјановски во велешки Театар
„Драма изгубена во времето“ е едно од последните драмски дела на Насев, работена според мотиви од расказот „Темносино, речиси црно“ на грчкиот писател Танасис Валтимос, но и според мотиви од други домашни и странски дела. Оваа драма претставува колаж од теми кои се концентрирани околу единствените два лика – ликот на ТАА и ТОЈ, двајца актери кои во текот на дејството се навраќаат на своите професионални и приватни животи. Во оваа игра на реминисценции се бришат границите меѓу реалноста и сценскиот живот и читателот често не знае дали ликовите се играат себеси или играат други ликови. Насев тоа го многу умешно го прави преку нијансираните и зачудни ликови, неочекуваните пресврти, вештиот дијалог, како и преку употребата на средства од медиумот на филмот. Крајниот резултат е една современа драма во која театарската сцена е претставена како место на кое се преплетуваат различни перспективи и стварности, актери и нивните ликови и каде се слави животот во целата негова комплексност и убавина.
Во претставата улогите на ТАА ја толкува актерката Талија Настова и на ТОЈ актерот Самоил Стојановски.
Претставата „Драма изгубена во времето“ тргнува токму од таа „колажност“ на темите во текстот и ја развива во еден недефиниран простор кој може да биде театарска сцена, работната соба на писателот, неговата глава … Темите во претставата, организирани како во своевиден лавиринт, се преплетуваат околу прашањата – Што е стварноста, а што театарот? Каде завршува едното, а почнува другото? Колку е стварна стварноста?
Ваквата структура на лавиринт, кој има само влезови, но не и излез, која само поставува прашања, но не дава одговори, е изградена со средствата на актерската игра, театарскиот, како и филмскиот медиум. Комбинирани заедно тие создаваат напната атмосфера на чекање – чекање да дознаеме нешто, чекање да заврши претставата, драмата, животот…
Претставата „Драма изгубена во времето“ зборува за релативноста на односот помеѓу стварноста, паметењето и означувањето – помеѓу слученото, запишаното и одиграното. Таа зборува за невозможноста да се достигне Вистината и да се запознае Стварноста, што, од една страна е поразително сознание, но, од друга, толку многу инспиративно.
Автор на текстот на претставата е Сашко Насев и режисер Деан Дамјановски. Сценографија ја изработи Филип Коруновски, видео дизајн и фотографија на Данчо Стефков, аудио дизајн го подготви Сашко Костов и дизајн на светло Марјан Тодоровски.
Премиерата на претставата „Драма изгубена во времето“ во велешки Театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ ќе се одржи во петок, на 10 ноември.
Убавка Јаневска