Премиерно изведена претставата „Орестија“ на XVIII ИФАД „Стоби“ (ФОТО)
Aктерска игра, хорско пеење, танц и сатира вклопени во една трилогија, составена од три трагедии и сатирска игра , со наслов „Орестија“ го отвори осумнаесетто издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Публиката под ведро небо и во Теодосијанската палата, преадаптирана во сцена наместо во амфитеатарот , проследи три антички трагедии вклопени во една претстава како и сатирска игра поврзани преку ликот на Сатир Силен. Него го одигра актерот Зоран Љутков.
-Делот на Сатир Силен е еден дел што изостанува и повеќе не постои, мислам дека е изгубен, има само некои мали назнаки што ги поттикна драматургот Катерина Момева и режисерот Дејан Дамјановски го напишаа текстот за да биде сврзно ткиво на трилогијата. Всушност тоа е она што ги олабавува нештата, дава надеж, ги коментира настаните кои биле и што ќе следат, на начин да бидат сатирска игра. Така им е дадена поинаква свежина на трите трагедии. Мене ми е драго што велешки театар и Македонската Опера и балет се решија за ваков потег и копродукција затоа што сме немале ваква голема и силна продукција. Таа по ковид пандемијата овозможи големо отворање на фестивалот, додаде Љутков.
Тој нагласи дека жали што претставата не се одигра во Амфитеатарот на „Стоби“ затоа што е создадена за да се игра на голем простор иако подготвена е сценографија и за изведба на претставата на сцена во затворен простор. Претставата ќе живее преку прикажување, по еднаш месечно, во велешки театар и во Националната опера и балет во Скопје.
Софија Ристевска Петрушевска,режисерка на третата трагедија или третиот дел на претставата, „Фурии“ кои всушност ја прикажуваат грижата на совест на главниот лик во претставата ,на Орест, ја издвои посветеноста кон ликот на жената што е нејзина хероина како во претставата така и надвор од неа.
-Обичната жена, античката жена, жената од обичните романи и од обичните приказни. Јас се борам за женското начело и кога жената е угнетена од тој машки принцип, на патријахат, секогаш сум тука за да ја раскажам нејзината историја. Клитемнестра не е виновна и тоа е првата реплика што ја изговорив пред да почнеме да работиме. Фуриите се борците, суштествата што ја имаат моќта да ја оправдаат Клитемнестра и да го убијат Орест. Така да женското начело победува, додаде Ристевска Петрушевска.
Таа додаде дека и било многу интересно да работи на претставата со уште тројца други режисери, секој со свој стил и начин на работа, како што се Александар Ивановски, Ненад Витанов и Деан Дамјановски.
Ивановски е режисер на првиот дел „Агамемнон“, Витанов на вториот „Надгробно жртвување“ Ристевска Петрушева на третиот , „Фуриии“ и Дамјановски на четвртиот дел „Сатирска игра“. Претставата „Орестија“ трае три часа.
Убавка Јаневска
Фото галерија од отворањето на ИФАД „Стоби“ и од премиерата на претставата „Орестија“: