Промоција на книгата „Гордоста на Кавадарци“ на денот на лозарите во Дом на култура
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2024/02/слика-1024x725.jpg)
Во рамките на манифестацијата по повод одбележувањето на празникот “Свети Трифун, во вторник, на 13 февруари 2024, од 12 часот, во Галеријата при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе се оддржи промоција на книгата “Гордоста на Кавадарци“ на авторот Тимчо Апостолов, познат поранешен новинар на „Нова Македонија“ и уредник на ревијата „Екран“. Апостолов по потекло е од Кавадарци.
Новинарот Тимчо Апостолов со монографијата за неговото родно Кавадарци под наслов „Гордоста на Кавадарци“, која неодамна излезе од печат, сака на градот да му остави еден поинаков споменик и може да се каже дека направи успешен обид на едно место да се презентираат дел од најуспешните личности и компании од Кавадарци.
Неговата идеја, кога пред две години започнал да ја подготвува, е таа да биде поинаков паметник, сведоштво со кое ќе се направи обид да се отргнат од заборавот успешни граѓани и компании, без разлика дали тие денес живеат во родниот град или на друго место. Нивните истражувања, научни трудови, елаборати, докторски дисертации, романи , уметнички дела, како и музичките инструменталисти, вокални солисти, луѓето кои раководат со највисоките државни институции имаат исклучителен придонес во афирмацијата на општината, Тиквешијата и на Македонија.
Еден од рецензентите на книгата проф. д-р Кирил Темков ќе напише: „Кавадарци е мошне интересен град, со убава традиција и особно градско живеење – кое вклучува жива чаршија, семејно поврзување, соеви и кумови кои се држат пријателски, свадби со чудесна оригинална чалгијска музика , серенади, развиено занаетчиство и ангажиран земјоделски живот на мнозина кои имаат свои имоти, лозарство, вино и ракија прочуени на Балканот… Чаршијата и луѓето се срцето на Кавадарци и за нив има многу нешта да се напише“.
Убавка Јаневска
![](https://duma.mk/wp-content/uploads/2021/05/SEMM.jpg)