Промовиран романот „Мастилна мапа“ од Марија Рапловска
Романот „Мастилна мапа“ од писателката Марија Рапловска, денеска, беше промовиран во медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес. Директорката на велешката библиотека рече дека библиотеката како институција е топол дом на книгата и секогаш е отворена за соработка и промовирање на македонските автори.
За промотор на романот беше Бети Бандиловска, делото „Мастилна мапа“ раскажува тајна чувана со години, пренесувана преку допирот на мастилото. Сè почнува со една обична тетоважа што ќе биде причина за играта наречена живот или смрт.
„Приказната за „Мастилна мапа“ се роди во 2020 година, за време на пандемијата со КОВИД-19. Главната протагонистка, Валерија е млада и храбра девојка, којашто и покрај раните од детството успева гордо и самостојно да чекори низ животот. Филип е млад, но амбициозен инспектор кој деноноќно работи за да ги фати криминалците и да ги стави зад решетки. Негативецот е студен и себичен лик, внесен во своите приказни и духови од минатото што го водат низ темната страна на животот. „Мастилна мапа“ има цел да го заинтригира читателот, да ја разгори неговата љубопитност околу прашањето што се провлекува низ целата приказна: што се крие во универзумот, дали постои нешто друго надвор од орбитата на нашата планета? Од друга страна, романот носи порака за светлата и темната страна на животот, за изборите што нѐ градат во личности во кои прераснуваме, за борбата на доброто и злото и дека на крајот на денот секогаш постои трошка надеж – рече Ралповска на промоцијата.
Марија Ралповска е родена 1997 година во Скопје. Авторка е на романите „Фрагарија“ (2012) и „Осумте чувари“ (2013), кои откриваат еден необичен свет на тајни и магија. Со нејзиниот трет роман „Рај во пеколот“ (2015), таа преминува од светот на детската фантазија во оној на возрасните, вешто плетејќи ги нишките на надреалното и реалното, создавајќи паралелни светови. Новиот роман, „Мастилна мапа“ е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ и влезе во потесниот избор за книжевната награда „Пегаз“ за 2021 година.
За време на промоцијата делови од романот читаа учениците Марија Бошевска и Ана Апочова.
Стефани Манева