Промовирана стихозбирката „Благородни сознанија“ на велешанецот Божидар Јовиќ (фото)
Шест месеци писателот Божидар Јовиќ ја создавал поточно пишувал својата десета книга, „Благородни сознанија“. Стихозбирката вчера вечер беше промовирана во Велес. Збирката на поезија којашто неодамна излезе од печат во издание на велешката печатница „Уни стар“ претставува крунисување на досегашната поетска и книжевна работа на велешанецот Јовиќ. Рецензентот Лили Арсова издвои дека стихозбирката е оплеменета со многу убави стихови коишто извираат од душата на писателот.
-Божидар, сите ние го познаваме. Тој во својата најнова стихозбирка има еден пример којшто ни го дава во песната „Родниот крај“ кога го отсликува својот немир при соочувањето со местото во коешто израснал и кога се навраќа на се она што во него буди убавина, топлина и радост. Преку пластичните описи на зборовите оргинално ни го претставува трепетот што го чувствува додека никој околу него тоа не го забележува. Слични описи има и во песните „Треперење“, „Сонот“, „Чувства“, „Мирисот“, „Бигорски“ од неговиот прв циклус во оваа стихозборка. Но како по познато правило дека човек не може да избега подалеку од себе си, оваа сеизмографски точна регистрација на чуваствата, продолжува и понатаму во сонетниот циклус „Мислење“, особено во сонетите под број еден, три, шест, 11 и 14. Секоја песна, секој стих е парче крик откорнат од душата на еден поет којшто се бори со животот и кој не се плаши да се соочи со сопствената ранливост, додаде Арсова.
На промоцијата, својата радост, среќа, но и гордост, не ја сокри ниту поетот Јовиќ којшто им се заблагодари на сите присутни за одвоеното време и за присуството. Притоа нагласувајќи дека тоа се личности кои ги чувствува за блиски, за пријатели, за колеги, коишто ги почитува а и тие него. Потоа поетот го издвои поттикот за создавање на стихозбирката „Благородни сознанија“.
-Сакав да ги откријам сите благородни сознанија коишто постојат во луѓето. Мир, почит, љубов, другарство, пријателство, добрина поточно сите чувства коишто пламнуваат во секој еден од нас. Тие се извор на животот, извор на почит едни кон други. Јас сум свесен за еден неповратен извор којшто оваа стихозбирка „Благородни сознанија“ сама за себе ги открива. Мирот и спокојот живеат во секој од нас. Не случајно велам дека треба да сме горди на взаемниот однос, на почитувањето, на разбирањето, на љубовта едни кон други, додаде Јовиќ.
Промоцијата заврши со рецитирање на дел од стиховите на песните од најновото авторско дело на поетот Јовиќ додека тој ја потпишуваше и подаруваше стихозбирката „Благородни сознанија“ на присутните.
Стефани Манева