Промовирано првенчето „Раскажувај ми за сечењето на корените“ на велешанката Ивана Настева (фото)
Првенчето збирка на разкази насловено како „Раскажувај ми за сечењето на корените“ од велешанката Ивана Настева, вчеравечер, беше промовирано во медијатеката на градската библиотека „Гоце Делчев“. Промоторот на книгата, Игор Крајчев, рече дека од самата книга се гледа дека оваа млада авторка има многу пишувано и дека голем број дела стојат во фиока и не се објавени, но ова прво дело, ќе ја охрабри и тие да излезат од печат еден ден.
-Ивана е личност којашто се бори помеѓу прозеистот и поетот во себе. Секој којшто ќе ја прочита книгата ќе види дека покрај тоа што таа е извонреден раскажувач сосема суптилно во самите раскази вметнува и цели стихови коишто може да функционираат како поезија сами по себе. Се работи за еден импресивен збир од раскази којшто покрај тоа што е многу едноставен истовремено е и крајно необичен, додаде Крајчев.
Ивана Настева којашто е дипломиран филолог, за своето првченче рече дека е посебно горда и дека особена чест и претставува што како промотори се појавуваат Игор Крајчев и Моника Матовска.
-Расказите како мое првенче секогаш ќе имаат едно посебно место затоашто се и моја прва збирка раскази. Тоа е една исповедничка проза, но ликовите од расказите ги има во секојдневниот живот. Тие или ни се познати, или сме опкружени околу нив или ние сме тие, додаде Настева.
Промоцијата беше збогатена и со музички изведби од Ангел Богоевски и Михаил Петковски.
Стефани Манева