„Рацин – македонска меморија“ е мотото на годинешните 61 Рацинови средби

По реализираниот Планинарски марш во чест на Рацин, посета на планината Лопушник од делегација на Општина Велес и одржаниот симпозиум на тема „Од белите мугри до современите текстови на јазикот и книжевноста“ на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Советот за македонски јазик и Театар Џинот Велес утре,среда 19 јуни и четврток,20 јуни, продолжуваат предвидените активности на годинешните 61 Рацинови средби.
Според програмата на поетската и книжевна манифестација, за утре, 19 јуни, предвидена е трибина на тема „Приказните и раскажувањето“ на Анде Д. Јанков која што ќе се одржи во Локална Библиотека „Гоце Делчев“ со почеток во 14:00 часот.
Вечерта во 19:00 часот ќе се положи цвеќе пред спомениците на Кочо Рацин во паркот пред велешката Гимназија која го носи името на поетот, револуционер и основоположник на современата македонска книжевност како и на споменикот во центарот на неговиот роден Велес.
Свеченото доделување на „Рациновото признание за 2024 година“, Беседа за Рацин, годинава на проф. д-р Михајло Марковиќ и Поетско-сценски перформанс во чест на Рацин ќе се одржат во Спомен костурницата во Велес со почеток во 20:00 часот.
Во четврток на 20 јуни со почеток во 10:00 часот на „Отворен ден во куќата на Рацин“ ќе се одржи промоција на стихозбирка на Ирена Павлова Де Одорико и Поетско читање на стихови од Рацин во Спомен – куќа на Кочо Рацин. Два часа и 30 минути подоцна во Јуроп хаус е закажано одржувањето на трибината „Книжевниот превод – прозорец кон светот“ на Владимир Илиевски
Доделување на „Почесното Рациново признание за 2024 година“ на Анамарија Цинеге Панзова и одржувањето на Меѓународен поетски митинг се закажани во Амфитеатар на Младински парк со почеток во 20:00 часот. Потоа концерт ќе одржи ДНК и ќе настапат естрадните уметници Наум Петрески, Миле Кузмановски, Мина Блажев, Марија Спасовска и Адријана Јаневска.
Убавка Јаневска
