Самостојна изложба на Мице Јанкуловски Мицко во Кавадарци

Мице Јанкуловски е уметник со специфична појава, препознатлив пристап, фасцинантни истражувања и оригинални резултати. Неговата уметност зрачи со хармонија, убавина, мир и сочувство. Таа е резултат на долгогодишното креативно истражување на уметникот. Забележително воздржани, далечни и тивки, делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелните пораки кон вечноста. Тој е активен член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Здружението на карикатуристите на Македонија, на Федерацијата на карикатуристите, а исто така е основач на ОСТЕН Биеналето на цртеж и на ОСТЕН Музејот на цртеж во Скопје, РС. Македонија.
Уметничкиот опус на Јанкуловски припаѓа на различни области на уметноста, вклучува слики на платно, сатирични слики на стакло, цртежи, карикатури и анимации, палиндроми. Неговата биографија вклучува повеќе од педесет самостојни изложби кај нас и во светот, како и забележителни претставувања на меѓународни манифестации и биеналиња, како во Санкт Петерсбург, Солун, Торино, Фиренца, Венеција, Ларнака, Варна.
Изложбата ќе биде отворена на 10 јуни, четврток, со почеток од 19:00 часот во галеријата при Дом на култура „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци. Ќе се одвива според Протоколите за работа во време на Ковид-19. Бројот на посетители ќе биде ограничен и секој посетител задолжително треба да носи маска, да одржува растојание од 1,5 до 2м и да врши дезинфекција на рацете.
Стефани Манева
